ескалација

САД и Израел го нападнаа Иран, Техеран возврати

28.02.2026 12:13

Светот се разбуди со нова воена ескалација.САД, заедно со Израел го нападнаа Иран. Шефот на Белата куќа побара иранската револуционерна гарда да го положи оружјето, а Иранците да ја преземат владата. Техеран возврати со удари врз израелски градови. Иранското МНР истакна дека земјата нема да се двоуми во својот одговор на обновената воена агресија. Ирак го затвори воздушниот простор. Американските амбасади во Катар и Бахреин ги повикаа граѓаните да се засолнат. Бројни авиокомпании откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток...

Тензиите ескалираа. САД и Израел го нападнаа Иран. Експлозии на исток и север, вклучувајќи го и Техеран. Првиот удар се случи во близина на канцелариите на врховниот лидер, Ајатолахот Али Хамнеи. Паралелно со воените удари, главните ирански медиуми и апликации претрпеа масовни кибернапади. Пентагон ги нарече американските борбени акции „Операција Епски бес“. Шефот на Белата куќа побара Иранската револуционерна гарда да го положи оружјето, а Иранците да ја преземат владата.

„Положете го оружјето. Ќе бидете третирани праведно со целосен имунитет, или ќе се соочите со сигурна смрт. Часот на вашата слобода е близу. Останете заштитени. Не го напуштајте вашиот дом. Надвор е многу опасно. Бомби ќе паѓаат насекаде. Кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада. Ова ќе биде веројатно вашата единствена шанса со генерации. Со години баравте помош од Америка. Но, никогаш не ја добивте. Ниеден претседател не беше спремен да го направи она што јас сум спремен да го направам. Сега имате претседател кој ви дава што сакате. Па, да видиме како ќе одговорите. Америка ве поддржува со огромна и разорна сила. Сега е време да ја преземете контролата врз вашата судбина“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Часови по израелско-американскиот напад врз Техеран, Иран лансираше балистички ракети кон Израел. Иранската Револуционерна гарда потврди дека лансирале масовен одмазднички напад со ракети и дронови кон Израел и американски воени бази на територијата на пет земји од Персискиот Залив, Бахреин, Катар, Кувајт, ОАЕ и Јордан.

„Ова е операција против реална закана што се појави против нас во последните месеци. Нашите одбранбени системи се распоредени и подготвени, но одбраната не е херметичка. Ве повикувам да ги слушате најавите и да дејствувате според ажурираните упатства на Командата на домашниот фронт“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската одбрана.

„Израелските одбранбени сили напаѓаат цели на угнетувачкиот режим, објекти на Револуционерната гарда, заедно со војската на САД, насочувајќи се кон локации со балистички ракети кои им се закануваат и на Израел и на американските сили. Оваа операција ќе продолжи сè додека е потребно“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Иранското МНР објави дека земјата нема да се двоуми во својот одговор на обновената воена агресија.

„Дојде време да се одбрани татковината и да се соочиме со воениот напад на непријателот. Исто како што бевме подготвени за преговори, во секое време бевме уште поподготвени за одбрана. Вооружените сили на Исламската Република Иран решително ќе одговорат на агресорите со целосен авторитет“, објави иранското МНР.

Меѓународната заедница повика на деескалација Ирак го затвори воздушниот простор. Бројни авиокомпании откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток. Само неколку часа пред почетокот на нападите, Оман соопшти дека Иран се согласил да не складира збогатен ураниум и рече дека е постигнат значаен пробив во третата рунда индиректни разговори меѓу САД и Иран во Женева.

„Уверен сум, и според мојата проценка за начинот на кој се одвиваат разговорите, мислам дека постои, навистина можам да видам дека мировниот договор е во наши раце“, изјави Бадр Албусаиди, министер за надворешни работи на Оман.

Трамп со недели се закануваше дека ќе го нападне Иран и нареди големо американско воено засилување на Блискиот Исток поради нуклеарната програма, како и поради протестите во кои загинаа илјадници демонстранти.

 

Маријана Димовска