Враќање кон традициите за поквалитетна храна
Проектот што го изработи конзорциумот во кој беа вклучени научно образовни институции од четири држави,помеѓу кои беше и Факултетот за туризам и угостителство од Охрид,укажува дека треба да се вратиме кон традиционалната кујна доколку сакаме да јадеме поквалитетна храна.Тоа го покажаа тригодишните истражувања на експертите по кулинарство,при што посочија дека некогашниот начин на подготвување и конзервирање на храната бил поздрав и генерирал далеку помалку отпад...

Опсежните сондажи, мерења и анализи коишто ги извршија експерти од образовно научни институции од Ирска, Франција, Шпанија и од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид укажаа дека треба да се вратиме кон традиционалните национални методи на готвење од почетокот на дваесеттиот век, кога луѓето јаделе поздрава храна. Исто така тие покажаа дека тоа се должи на употребата на локални производи, конзервирање со природни соединенија, солење, сушење и ферментација без користење адитиви и пластична амбалажа.
„Проектот ќе придонесе за повторно враќање кон традиционалните готварски практики, насочени кон намалување генерирањето на отпад во угостителството, но и во домаќинствата, со тоа што практиката на намалување на отпадот ќе биде прво директно имплементирање во наставно-научните и образовните институции“, проф. д-р Климент Наумов од Факултет за туризам и угостителство.
Со цел младите генерации да ги прифатат старите практики се изработени дваесет и девет видеа каде што може да се види како и некогаш се обработувале производите од месо.
„До деведесет и девет проценти била искористеноста на сите делови на тоа животно. Наша интенција беше да ги примениме тие практики повторно со примена на технологија, дигитализација за овековечување на тие методи и техники на обработка и подготовка на храна“, вели проф. д-р Климент Наумов од Факултет за туризам и угостителство.
Насоките кои ги дава овој проект ќе придонесат да се зголеми интересот на туристите за нашите традиционални специјалитети, кои ќе бидат подготвени од локални производи, но и за намалување на отпадот.
Тоа е една од клучните задачи, бидејќи денес хотелиерството генерира дури дваесет и шест проценти од вкупниот отпад во светски рамки.
Сашо Нелоски
