МНР

Македонци бараат евакуација од Израел

28.02.2026 17:07

Досега единаесет Македонци побараа евакуација од Израел, небото останува затворено до понеделник. Македонските амбасади во регионот остануваат во постојан контакт со граѓаните и се целосно на располагање за помош и координација, велат од МНР. Стоиме зад САД во справувањето со заканите на Блискиот Исток, напиша шефот на македонската дипломатија Муцунски. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака...

Деветмина македонски државјани побарале евакуација од Израел, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

Воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник а по неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба, се вели во соопштението:

„Во оваа фаза, препораката до нашите државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено“.

И македонската амбасада издаде предупредување до македонските граѓани кои се во Израел:

„Македонските граѓани кои моментално се наоѓаат во Израел строго да ги следат упатствата издадени од израелската команда на домашниот фронт. Веднаш треба да влезете во заштитените зони по приемот на известувањето и да останете во темница сè додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до или да го напуштат Израел, нивните летови веднаш се откажуваат до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпанијата и надлежните органи“. За каква било помош или итни прашања, контактирајте ги броевите на амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546“.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изрази поддршка за сојузничката координација во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, нагласувајќи ја важноста од заеднички пристап во одржувањето на регионалната безбедност и стабилност.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и преку дежурните служби, е во континуирана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација. Од МНР апелираа и до сите наши граѓани да се воздржат од патување во земјите од овој регион додека не се стабилизира безбедносната состојба.

 

Ана Јосифоска