ескалација

САД и Израел го нападнаа Иран, има и жртви

28.02.2026 18:12

Тензиите ескалираа. САД и Израел го нападнаа Иран, има и жртви. Техеран возврати со ракетирање кон израелска територија и американски бази. Меѓународната заедница повика на деескалација...

Тензиите ескалираа. САД и Израел го нападнаа Иран. Експлозии на исток и север, вклучувајќи го и Техеран. Со воените удари, регистрирани и масовни кибернапади, иранските власти објавија дека има жртви. Пентагон ја нарече акцијата „Епски бес“. Шефот на Белата Куќа побара Иранската револуционерна гарда да го положи оружјето, а Иранците да ја преземат владата.

„Положете го оружјето. Ќе бидете третирани праведно со целосен имунитет, или ќе се соочите со сигурна смрт. Часот на вашата слобода е близу. Останете заштитени. Не го напуштајте вашиот дом. Надвор е многу опасно. Бомби ќе паѓаат насекаде. Кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада. Ова ќе биде веројатно вашата единствена шанса со генерации“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Иран возврати со балистички проектили кон Израел и американски воени бази на територијата на земји од Персискиот Залив, Бахреин, Катар, Кувајт, ОАЕ и Јордан. Голем број аеродроми се затворени.

„Израелските одбранбени сили напаѓаат цели на угнетувачкиот режим, објекти на Револуционерната гарда, заедно со војската на САД, насочувајќи се кон локации со балистички ракети кои им се закануваат и на Израел и на американските сили. Оваа операција ќе продолжи сè додека е потребно“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Меѓународната заедница повика на деескалација. Челниците на ЕУ, Кошта и Фон Дер Лајен повикаа на максимална воздржаност. Франција, Шпанија, Италија, Саудиска Арабија со осуда и апел за дипломатско решение. Смирувачки тонови и од Русија. Иранското МНР објави дека земјата нема да се двоуми во одговорот на обновената воена агресија.

„Трамп го претвори „Америка на прво место“ во „Израел на прво место“ – што секогаш значи „Америка последна“. Нашите моќни вооружени сили се подготвени за овој ден и ќе им ја одржат лекцијата на агресорите што ја заслужуваат“, објави министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи.

Експерти со став, воената сила не е доволна САД да го убедат иранскиот население да поддржи промената на режимот.

„За неколку дена ќе имаме одговор на едно од клучните прашања „дали знаат што прават“ – дали успеале да го уништат режимот до степен што управувањето на режимот е загрозено и раководството е обезглавено“, изјави Филипс О’Брајан, професор.

„Гледам две или три сценарија. Едно е дека САД можеби контактирале со елементи во режимот кои се подготвени да склучат договор, но не додека е жив врховниот лидер Хамнеи. Ова сценарио ќе биде многу слично на случајот со Венецуела, отстранувате одреден лидер, дозволувајќи им на попрагматичните елементи да ја преземат власта“, изјави Камран Матин, професор.

За осум месеци, ова е втор напад на САД во Иран. Исламската Република не успеа да постигне договор со Вашингтон за нуклеарната програма, иако посредникот, Оман пред нападите истакна дека има пробив, а Техеран е подготвен да се откаже од збогатувањето ураниум. Трамп изминатиот период нареди големо американско воено засилување на Блискиот Исток поради нуклеарната програма, како и поради протестите во кои загинаа илјадници демонстранти.

 

Маријана Димовска