Израелските воздухопловни сили со нов бран воздушни напади врз цели во Техеран, Иран возвраќа
Продолжува иранската одмазда по американско – израелските напади во кои беше убиен врховниот лидер Али Хамнеи и функционери на иранската револуционерна гарда. Сирени за воздушни напади активирани во Израел и во земјите од Персискиот залив. Ракетни напади и ноќеска во Дубаи, Абу Даби, Катар, Бахреин.Иднината на исламската република неизвесна, се стравува од регионална нестабилност. Американските амбасади на удар од гневни демонстранти во Карачи и Багдад. Меѓународната заедница повикува на деескалација...

Масивни напади го потресоа Техеран. Израел и Иран разменија нови удари по убиството на врховниот лидер. Израелците ја поминаа ноќта во страв и во засолништа откако беше објавено дека со помош на прецизни разузнавачки информации е убиен ајатолахот Али Хамнеи и команданти и високи функционери на Иранската револуционерна гарда во рамки на американско-израелските напади врз Иран. Експлозии утрово регистрирани и во држави од Персискиот Залив, Дубаи, Абу Даби, Катар, Бахреин. Туристичките атракции во пламен, има жртви и повредени.
„Има многу неизвесност, но во исто време и многу надеж за иднината“.
„Се надеваме дека нивниот народ ќе може да се ослободи од овие ајатоласи, овие екстремни, опасни шиити кои го мразат Израел“.
„Одлична е ситуацијата. Конечно ги нападнавме Иранците и наскоро ќе имаме мир“.
Мислам дека ситуацијата се граничи со лудило. Нашето раководство е исклучително нестабилно. И влегувањето во оваа војна ќе ни донесе сериозни проблеми за нашето понатамошно постоење тука и ќе го поткопа нашето постоење уште повеќе. Долго време е нестабилно.
Иран прогласи 40-дневна жалост по убиството на Хамнеи. Мислењата поделени, едни се радуваат што конечно е ликвидиран човекот кој 37 години управуваше со земјата, други – тагуваат. Пред американските дипломатски претставништва во регионот масовни протести. Стотици проирански демонстранти се обидоа да упаднат во конзулатот на САД во Карачи, најмалку осум лица загинаа. Демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад. Иднината на Исламската Република неизвесна, се стравува од регионална нестабилност.
„Нема да го изгубиме вистинскиот пат. Проклет да е Израел. Смрт за Америка“, изјави жител на Техеран.
„Да, ние тагуваме, но не сме паднале. Слушнете го ова. Ќе го научиме целиот свет каква грешка сте направиле. Алах е најголем“, изјави жителка на Техеран.
На синоќешната седница на Советот за безбедност на ООН, Вашингтон и Техеран разменија жестоки предупредувања. Нуклеарната агенција на Обединетите нации утре ќе одржи вонреден состанок. Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток и покрај предупредувањата од американскиот претседател да не возвраќа на ударите од САД и Израел.
„Иран штотуку изјави дека денес ќе удри многу силно, посилно отколку што некогаш удриле. Меѓутоа, подобро да не го направат тоа, затоа што ако го направат, ќе ги удриме со сила која никогаш не е видена порано!“.
Во исто време цените на енергенсите растат, Револуционерната гарда им забрани на бродовите да минуваат низ Ормускиот теснец, низ кој транзитира една петтина од светската нафта и гас. Меѓународната заедница бара деескалација, западните лидери со поддршка за акциите на САД, но се оградуваат од каква била поврзаност со операцијата „Епски бес“.
Маријана Димовска
