Здравство

Срцевите болести во пораст – сè повеќе млади пациенти

01.03.2026 15:19

Расте бројот на пациенти во Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Срцевите болести се причина за околу 60 проценти од смртноста во земјава, а лекарите предупредуваат дека сè почесто се соочуваат со пациенти во помлада возраст …

Расте бројот на пациенти со кардиоваскуларни заболувања. Инфаркти, висок крвен притисок, аритмии, кардиомиопатии се најчестите болести кај пациентите во Специјалната болница за кардиологија во Охрид.

Загрижува фактот што старосната граница се спушта, најмладите пациенти со миокарден инфаркт имаат само 25 до 35 години.

„Она што е многу важно да се нагласи и што претставува сè поголема грижа е тоа што имаме поместување на старосната граница, така што сè повеќе сме сведоци дека имаме кардиоваскуларно, и тоа акутно кардиоваскуларно засегање веќе и во третата, четвртата и петтата деценија од животот. Можеби кај младите пациенти со акутно срцево засегање, односно миокарден инфаркт, се некаде меѓу 25-тата, 28-та до 35-тата година“, вели д-р Бранка Милачиќ, кардиолог.

Срцевите болести не доаѓаат преку ноќ – тие се резултат на лошите животни навики. Како главни причини за порастот, лекарите ги посочуваат пушењето, брзиот начин на живот и хроничниот стрес.

„Понатаму, брз начин на живот, брза храна, лоша храна и променет стил на живот, така што дебелината и физичката неактивност претставуваат значаен ризик-фактор“, додава д-р Милачиќ.

Кардиолозите апелираат – превенцијата мора да започне навреме, особено кај младата популација, клучните препораки се редовни прегледи и здрав начин на живот.

Соња Рилковска