Се разгоруваат тензиите на Блискиот Исток по американско – израелските напади врз Иран
Се разгоруваат тензиите на Блискиот Исток по американско – израелските напади врз Иран. Сирени за воздушни напади активирани во Израел и во земјите од Персискиот Залив. Исламската револуционерна гарда тврди дека со балистички ракети го нападнале носачот на авиони на американската морнарица „Абрахам Линколн“. По убиството на врховниот лидер Али Хамнеи Иран формираше привремен совет кој ќе раководи со земјата. Меѓународната заедница повикува на деескалација …

Војната се шири на Блискиот Исток. Продолжуваат израелските гранатирања врз цели во Техеран. Иран возвраќа. Двете страни нотираат жртви. Регистрирани дронови и проектили во повеќе земји од Арапскиот Залив. Погоден и нафтен танкер во источниот брег на Оман, пријателска земја која беше и посредник во нуклеарните преговори.
„Јасно да ставам до знаење дека оваа операција ќе продолжи онолку долго колку што е потребно. Нема да биде запрена ниту во еден момент пред да се постигнат целите. Ги дефиниравме нашите цели и ќе ги оствариме и исполниме“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
И покрај предупредувањата од американскиот претседател да не возвраќаат на вчерашните напади, иранските власти се заканија со неселективен удар против сите кои обезбедуваат поддршка или логистика против Техеран. Иран прогласи 40-дневна жалост по убиството на ајатолахот Али Хамнеи, истакнати политички фигури и команданти и членови на Револуционерната гарда. Формиран привремен Совет кој ќе раководи со земјата. Алиреза Арафи ќе ги извршува должностите на врховниот лидер.
„Америка и Израел треба да бидат свесни дека овој напад нема да им донесе ништо друго освен срам. Нашата голема нација, која сега тагува мора да ги осуети злите планови на непријателот со тоа што ќе биде присутна во џамиите и на улиците. Вооружените сили на Исламската Република Иран со сила ги напаѓаат непријателските бази и ќе продолжат да го прават тоа и ќе го фрустрираат непријателот како и секогаш“, изјави Масуд Пазешкијан, претседател на Иран.
По убиството на ајатолахот Хамнеи кој 37 години управуваше со земјата, мислењата поделени, прослави во неколку градови, додека други, тагуваат на улиците.
„Нема да го изгубиме вистинскиот пат. Проклет да е Израел. Смрт за Америка“, изјави жител на Техеран.
„Да, ние тагуваме, но не сме паднале. Слушнете го ова. Ќе го научиме целиот свет каква грешка сте направиле. Алах е најголем“, изјави жителка на Техеран.
Масовни протести пред американските дипломатски претставништва во регионот. Стотици проирански демонстранти се обидоа да упаднат во конзулатот на САД во Карачи, има загинати. Демонстранти ја нападнаа амбасадата на САД во Багдад.
„Откако почна ова насилство, досега повеќе од 20 лица се повредени, а има и убиени“, изјави Мухамед Амир, портпарол на спасувачка служба во Карачи, Пакистан.
Меѓународната заедница бара деескалација, западните лидери со поддршка за акциите на САД, но се оградуваат од каква била поврзаност со операцијата „Епски бес“.
Маријана Димовска
