Иран лансираше нови ракетни и беспилотни летала врз Израел и земјите од Заливот
Повторно активирани сирените за ирански воздушни напади во Израел и во земјите од Персискиот залив. На удар американските воени бази. Со дрон нападната и британска база на Кипар. Израелската војска нападна цели на Хезболах во Либан. Трамп ја повика иранската војска да го предаде оружјето...

По ноќното затишје, Иран лансираше нови ракетни и беспилотни летала врз Израел и земјите од Заливот. Израелските одбранбени сили нападнаа во Бејрут, откако Хезболах се вклучи во борбата, испукувајќи ракети и беспилотни летала кон север. Американскиот претседател ги повтори повиците до иранската војска да го положи оружјето. Во видео-обраќање Трамп рече дека иранскиот режим вооружен со ракети со долг дострел и нуклеарно оружје би бил сериозна закана за секој Американец.
„Уште еднаш ја повикувам Револуционерната гарда, иранската воена полиција, да го положат оружјето и да добијат целосен имунитет или да се соочат со сигурна смрт. Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, смели, херојски и да ја вратат својата земја. Америка е со вас. Ви дадов ветување и го исполнив тоа ветување. Останатото ќе зависи од вас, ние ќе бидеме тука да помогнеме“, порача Доналд Трамп, претседател на САД.
Изјавата следува откако САД и Израел нападнаа голем број цели низ Иран, притоа уништувајќи воени бродови како дел од интензивираната воена кампања по убиството на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и врвни политички фигури и членови на Револуционерната гарда.
„Нашата порака до иранскиот режим е јасна. Ќе знаеме како да допреме до сите, во штабот, во бункерите и насекаде на друго место, никој не е имун. Подготвени сме, будни сме, со акцент на Хезболах во Либан. Доколку некој се осмели да им наштети на граѓаните на Државата Израел, ќе удриме и ќе одговориме со голема сила, без сомнение“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Иран се заколна на одмазда. Продолжија ракетните напади кон Израел и арапските земји од Заливот во контраофанзива за која американската војска соопшти дека резултирала со смрт на најмалку тројца војници. Повеќе од 200 луѓе се убиени.
„Ние веќе им кажавме на земјите од регионот дека немаме намера да извршиме агресија кон нив. Но, кога базите лоцирани во нивните земји се користат против нас, ние ќе ги таргетираме сите нивни бази и објекти во регионот. Ги цениме нашите регионални браќа и соседи и немаме намера да им наштетиме“, истакна Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран
„Изгубивме некои команданти. Тоа е факт, а имињата се веќе објавени. Но, друг факт е дека ништо не се променило во нашата воена способност“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Меѓународната заедница повикува на деескалација. Британскиот премиер Стармер уверува дека нема да се придружи на нападите врз Иран, но се согласи да им дозволи на САД да ги користат британските бази.
„Сакам да бидам многу јасен. Сите се сеќаваме на грешките во Ирак и ги научивме тие лекции. Не бевме вклучени во првичните напади врз Иран и нема да се придружиме на офанзивната акција, сега“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Нападите што САД и Израел ги спроведуваат против Иран доведоа до невидена регионална ескалација. Нападите со ракети и беспилотни летала, започнати како одговор од Иран, на целосно непропорционален и неселективен начин, погодија воени објекти и бројни цивилни цели меѓу нашите партнери и сојузници во регионот“, рече Емануел Макрон, претседател на Франција.
Вашингтон тврди дека новото можно раководство во Иран ја отвора вратата за дијалог. Исламска република избра 66-годишен свештеник да се приклучи на тричлениот Совет на лидерство кој ќе управува со земјата додека не се избере нов врховен водач.
Маријана Димовска
