Израел таргетира цели во Иран и во Либан
Повторно активирани сирените за ирански воздушни напади во Израел и во земјите од Персискиот залив. На удар американските воени бази. Со дрон нападната и британска база на Кипар. Израелската војска нападна цели на Хезболах во Либан. Трамп ја повика иранската војска да го предаде оружјето.

Состојбата на Блискиот Исток од час во час се менува. Десетина земји се засегнати по најновата ескалација од израелско-американската операција „Епски бес“. Иран продолжи да лансира ракетни и беспилотни летала во Израел и земјите од Заливот. Нови експлозии во Катар, Дубаи и Кувајт. Израелските одбранбени сили возвраќаат, гранатирани цели во Бејрут откако Хезболах истрела ракети и дронови. Има десетици жртви и повредени.
„Почнавме офанзивна кампања против Хезболах. Мора да се подготвиме за неколку дена борба, многу. Ова бара силна одбранбена и одржлива офанзивна подготвеност“, изјави Генерал-потполковник Ејал Замир, началник на Генералштабот на израелската војска.
Вашингтон тврди дека новото можно раководство во Иран ја отвора вратата за дијалог. Безбедносните служби на Техеран негираат. Американскиот претседател ги повтори повиците до иранската војска да го положи оружјето.
„Уште еднаш ја повикувам Револуционерната гарда, иранската воена полиција, да го положат оружјето и да добијат целосен имунитет или да се соочат со сигурна смрт. Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, смели, херојски и да ја вратат својата земја. Америка е со вас. Ви дадов ветување и го исполнив тоа ветување. Останатото ќе зависи од вас, ние ќе бидеме тука да помогнеме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
По убиството на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, Исламската република вчера избра 66-годишен свештеник да се приклучи на тричлениот совет на лидерство кој ќе управува со земјата додека не се избере нов врховен водач.
„Изгубивме некои команданти. Тоа е факт, а имињата се веќе објавени. Но, друг факт е дека ништо не се променило во нашата воена способност“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
„Ние веќе им кажавме на земјите од регионот дека немаме намера да извршиме агресија кон нив. Но, кога базите лоцирани во нивните земји се користат против нас, ние ќе ги таргетираме сите нивни бази и објекти во регионот. Ги цениме нашите регионални браќа и соседи и немаме намера да им наштетиме“, изјави Али Лариџани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.
Британскиот премиер Стармер уверува дека нема да се придружи на нападите во Иран, но им дозволи на САД да ги користат британските бази. Во исто време, нападната британската воздухопловната база на јужниот брег на Кипар.
„Сакам да бидам многу јасен. Сите се сеќаваме на грешките во Ирак и ги научивме тие лекции. Не бевме вклучени во првичните напади врз Иран и нема да се придружиме на офанзивната акција сега“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
„Нападите што САД и Израел ги спроведуваат против Иран доведоа до невидена регионална ескалација. Нападите со ракети и беспилотни летала, започнати како одговор од Иран, на целосно непропорционален и неселективен начин, погодија воени објекти и бројни цивилни цели меѓу нашите партнери и сојузници во регионот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Меѓународната заедница повикува на деескалација. Лидерите на Обединетото Кралство, Франција и Германија, во заедничка изјава остро ги осудија иранските ракетни напади и истакнаа дека ќе преземат конкретни чекори за да ги заштитат националните интереси и безбедноста на сојузниците во регионот.
Маријана Димовска
