„Тоска“ на сцената на Националната опера и балет на 6 март
На сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Тоска“ од Giacomo Puccini – монументална музичка драма во три чина, исполнета со љубов, страст, љубомора и политички интриги.

На 6 март со почеток во 19:30 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Тоска“ од Giacomo Puccini – монументална музичка драма во три чина, исполнета со љубов, страст, љубомора и политички интриги.
Со оркестарот ќе диригира гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги, а режијата е на Огњан Драганов. Сценографијата ја потпишува Зоран Николовски, костимографијата е на Марија Пупучевска, хор-мајстори се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога – Флорија Тоска ќе настапи Злата Тошевска Димовска, како Каварадоси ќе се претстави Миша Шешаберидзе, а улогата на Скарпија ќе ја толкува Леон Ким. Во останатите улоги настапуваат Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски и Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на НОБ.
Операта е создадена по либрето на Luigi Illica и Giuseppe Giacosa, базирано на драмата „Тоска“ од Victorien Sardou. Светската премиера се одржала на 14 јануари 1900 година во Рим. И повеќе од еден век подоцна, „Тоска“ останува еден од најизведуваните и највпечатливи оперски наслови на светските сцени.
