Свет

Се разгорува состојбата на Блискиот Исток, напади во Катар, Дубаи, Емиратите, Кувајт

02.03.2026 14:32

Гори на Блискиот Исток. Иран продолжи со нападите врз Израел и земји од Персискиот залив. Одново на удар Катар, Емиратите, Кувајт. Напади нотира и Саудиска Арабија. Синоќа, беспилотни летала „шахед“ завршија во британската воздухопловната база на јужниот брег на Кипар. Израелските одбранбени сили гранатираа цели во Бејрут. Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди за нуклеарен инцидент, иако засега не се регистрирани напади врз нуклеарни постројки...

Состојбата на Блискиот Исток се разгорува. Иран продолжи да лансира ракетни и беспилотни летала во Израел и земјите од Заливот. Нови експлозии во Катар, Дубаи, Емиратите. Нападнати и нафтени постројки во Саудиска Арабија. Соборени неколку американски авиони над Кувајт. Претходно шахеди завршија во британската воздухопловната база на јужниот брег на Кипар, властите ги затворија училиштата, населението се евакуира. Состанокот на министрите за европски прашања на земјите-членки, кој требаше да се одржи денес и утре на Кипар е одложен.

„Во постојан контакт сум со сите европски лидери и лидери на други држави во врска со развојот на настаните. Нашата земја не учествува на никаков начин, ниту пак има намера да биде дел од каква било воена операција. Остануваме посветени на хуманитарната улога што ја имаме цело време, секогаш како дел од решението, а не како дел од проблемот“, изјави Никос Христодулидис, претседател на Кипар.

„Не можеме да дадеме повеќе детали во овој момент, но очигледно сите безбедносни мерки ќе бидат преземени околу базата“, рече Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Велика Британија.

Израелските одбранбени сили гранатираа цели во Бејрут откако Хезболах истрела ракети и дронови. Има десетици жртви и повредени.

„Постои единствена можност да се промени траекторијата, наместо да се живее во бесконечен терор и хаос создаден од империјата на злото од Техеран“, истакна Исак Херцог, претседател на Израел.

Вашингтон тврди дека новото можно раководство во Иран ја отвора вратата за дијалог. Безбедносните служби на Техеран негираат.

„Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, смели, херојски и да ја вратат својата земја. Америка е со вас. Ви дадов ветување и го исполнив тоа ветување. Останатото ќе зависи од вас, ние ќе бидеме тука да помогнеме“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

По убиството на ајатолахот Хамнеи, Исламската република избра тричлен совет на лидерство кој ќе управува со земјата додека не се избере нов врховен водач.

„Изгубивме некои команданти. Тоа е факт, а имињата се веќе објавени. Но, друг факт е дека ништо не се променило во нашата воена способност“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди за нуклеарен инцидент на Блискиот Исток, иако засега не гледа никакви индикации дека најновите напади во Иран оштетиле нуклеарни постројки.

Маријана Димовска