Архангел со голем концерт на 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје
Настанот е насловен „Срцевина“ и претставува концептуално продолжение на поетиката на Вртев, кој е централен автор и клучен двигател на препознатливиот израз на бендот.

Легендарниот македонски бенд Архангел на 13 јуни ќе одржи голем самостоен концерт на Стадион на АРМ во Скопје, настан со кој ќе одбележи 44 години музичко творештво на фронтменот Ристо Вртев.
Концертот ќе биде во знакот на четири децении автентичен звук, уметничка доследност и силно влијание врз македонската рок и алтернативна сцена. Публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна со изведби на антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“, како и други препознатливи песни од богатата дискографија на бендот.
Настанот е насловен „Срцевина“ и претставува концептуално продолжение на поетиката на Вртев, кој е централен автор и клучен двигател на препознатливиот израз на бендот. Воедно, концертот ќе биде можност за премиерна изведба на дел од новите композиции од претстојниот, петти студиски албум на „Архангел“, на кој бендот интензивно работи. Првиот официјален сингл од новиот материјал се очекува наскоро.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, која е насочена кон промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на karti.com.mk/arhangel, како и преку продажната мрежа низ државата.
