Јавен повик за компании: Инвертер клими до 28.000 денари за ранливи домаќинства
Целта на повикот е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавен оглас за пријавување интерес од правни субјекти што вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди, со што започнува практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија.
Целта на повикот е обезбедување директна поддршка за домаќинствата кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи, преку доделување потврда-ваучери за набавка и вградување високоефикасни инвертер клима уреди.
Според програмата, секое домаќинство што ќе добие ваучер ќе може да набави и инсталира инвертер клима уред во вредност до 28.000 денари со вклучен ДДВ, кај компании што ќе склучат договор со Министерството по спроведување на јавниот оглас.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централен регистар на Република Северна Македонија кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клима уреди. Избраните компании ќе треба да обезбедат уреди со најмалку енергетска класа А+, нивна монтажа на адресата на корисникот, како и гаранција од најмалку две години, без дополнителни трошоци за граѓаните.
Од Министерството ги повикуваат сите заинтересирани компании активно да се вклучат во спроведувањето на мерката и да придонесат кон намалување на енергетската сиромаштија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата.
Јавниот оглас, условите и потребната документација се достапни на веб-страницата на Министерството. По завршување на постапката и објавување на листата на компании со кои ќе бидат склучени договори, ќе бидат објавени и списоците на лицата што се стекнале со право на субвенцијата. Со тоа ќе се создадат услови веднаш да започне процесот на доделување ваучери и инсталација на уредите, без дополнителни административни одложувања.
