Над 400 македонски граѓани чекаат евакуација од кризните подрачја
Над 400 нашинци побарале информации од македонското МНР за евакуација од кризните подрачја, 30-ина подготвени веднаш да се вратат дома. Се разгледува можноста, македонските граѓани кои се во Обединетите Арапски Емирати преку копно да стигнат до Саудиска Арабија и оттаму со авион да се стигнат во земјава. И за Израел се бараат потенцијални рути. Надлежните се во постојана координација со партнерските земји за спроведување на операцијата…

Во моментов повеќе од 400 граѓани побарале информации во врска со можноста за евакуација, додека околу 30 од нив изразиле подготвеност да ја напуштат земјата во првата можна прилика.
МНР и дипломатско конзуларните претставништва се во постојана комуникација со нашинците од кризните подрачја. Почнати се активности за нивно враќање во Македонија. Но, во моментов не постојат безбедни услови за напуштање на Емиратите и Катар.
Амбасадорот во Абу Даби, Мемеди, потврди дека помош бараат и туристи од Македонија чијшто престој е завршен, но поради развојот на настаните, нивните хотелски трошоци ќе бидат покриени од државата. За нивно враќање се разгледува и опцијата преку копно да стигнат до Саудиска Арабија, а оттаму со авион до Македонија, за што ќе добијат хуманитарни визи.
Премиерот Мицкоски оствари телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски емирати, шеикот Мохамед Бин Зајед ал Нахјан за координација за извлекувањето на нашинците.
Македонските граѓани се повикуваат да избегнуваат области во близина на безбедносни и воени објекти, да не излегуваат надвор и да ги следат упатствата на локалните власти.
Викторија Милевска
