Свет

Гори на Блискиот исток, најавени уште пожестоки удари

02.03.2026 17:25

Пламенот на војната на Блискиот исток се прошири на нови држави. Откако Хезболах го ракетираше Израел, силите на Тел Авив одговорија со напади врз главниот град на Либан, Бејрут. Нови експлозии се регистрирани во земјите од Заливот. Во Кувајт погодена американската амбасада, се урнаа и американски авиони, нападната британска база на Кипар, како и нафтени капацитети во Саудиска Арабија.

Ескалира ситуацијата на Блискиот Исток. Иран ги проширува целите, лансира ракети и дронови кон Израел и земјите од Заливот. Експлозии во Обединети Арапски Емирати, погодени енергетски постројки во Катар и Саудиска Арабија. Во Кувајт погодена амбасадата на САД, а соборени се и американски авиони од пријателски оган. Иранските шахеди претходно погодија и британска база на Кипар. Училиштата се затворени, населението се евакуира, а министерскиот состанок на ЕУ е одложен. Грција крева безбедносен штит околу американските и израелски потенцијални цели во земјата.

„Во постојан контакт сум со сите европски лидери и лидери на други држави во врска со развојот на настаните. Нашата земја не учествува на никаков начин, ниту пак има намера да биде дел од каква било воена операција“, изјави Никос Христодулидес, претседател на Кипар.

„Не можеме да дадеме повеќе детали во овој момент, но очигледно сите безбедносни мерки ќе бидат преземени околу базата“, рече Ивет Купер, министерка за надворешни работи на Велика Британија.

Проширените напади на Иран доаѓаат откако Тел Авив одговори на ударите од Хезболах врз Израел, гранатирајаќи го Бејрут. Иранската гарда објави дека го нападнале кабинетот на премиерот Нетанјаху.

„Ќе се погрижиме Хезболах да плати висока цена за сè што направи, секој што го следи патот на Хамнеи завршува како Хамнеи, на дното на пеколот, заедно со сите оние од Оската на злото“, нагласи Израел Кац, израелски министер за одбрана.

САД и Израел продолжуваат со напади. Таргетирана државната телевизиска мрежа на Иран, ракети паднати во близина на болница спроти седиштето на радиодифузерот.

„Постои единствена можност да се промени траекторијата, наместо да се живее во бесконечен терор и хаос создаден од империјата на злото од Техеран“, рече Исак Херцог, претседател на Израел.

Од Вашингтон со став-ние не ја започнавме оваа војна, но ќе ја завршиме. Очекуваат новото можно раководство во Иран да ја отвори вратата за дијалог. Безбедносните служби на Техеран негираат.

„Ги повикувам сите ирански патриоти кои копнеат по слобода да го искористат овој момент, да бидат храбри, смели, херојски и да ја вратат својата земја. Америка е со вас. Ви дадов ветување и го исполнив тоа ветување. Останатото ќе зависи од вас, ние ќе бидеме тука да помогнеме“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

„Долги 47 години, експанзионистичкиот и исламистички режим во Техеран води дива, еднострана војна против Америка. Ние не ја започнавме оваа војна, но под водство на претседателот Трамп ја завршувамеОва не е војна за промена на режимот, но режимот сигурно се промени и светот е подобар поради тоа“, изјави Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.

По убиството на Хамнеи, Исламската република избра тричлен совет на лидерство кој ќе управува со земјата, со Алиреза Арафи како привремен водач.

„Уште еднаш, Соединетите Американски Држави и ционистичкиот режим започнаа несоодветна, неточна и неправедна акција на погрешна пресметка. Овој совет ќе ги извршува должностите што му се доверени. Ги уверувам сите наши вооружени сили и нашата нација дека сите гранки на државата се на ваша служба“, изјави Алиреза Арафи, шеф на привремениот совет на лидерство на Иран.

Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди за нуклеарен инцидент на Блискиот Исток, иако засега не гледа никакви индикации дека најновите напади во Иран оштетиле нуклеарни постројки.

Бојана Крстевски