Реакции

Спротивставени ставови за кризата на Блискиот Исток

02.03.2026 19:17

Според изјавата на шефицата на Европската комисија, Унијата е едногласна во осудата на иранскиот режим поради угнетувањето. Налик на американскиот став, сега било времето Иранците да си ја одлучат судбината. Турбуленциите на светските пазари го засегаат и Брисел...

Низ светот, иранската дијаспора ги прославува американско-израелските напади. Повеќето од демонстратите се следбеници на династијата на Реза Пахлави, последниот ирански шах.

„По 47 години славиме нешто големо за нашата земја. 18 години сум тука и не можам со семејството да си појдам дома во Иран.“

„Иран повторно ќе биде како Англија, Шкотска, Велс. Слобода за Иран.“

„Долго да ни живеат Биби Нетанјаху и претседателот Трамп. И нашиот крал, принцот Реза Пахлави.“

Иран ги остави границите отворени кон Турција, многумина уплашени за семејствата ја напуштија земјата. Од друга страна, некои Иранци се враќаат во татковината.

„Се враќаме, ова е наш дом.“

„Тоа е моја земја, моја татковина. Ќе го дадам животот за Иран.“

Така мислат обичните луѓе, додека светските челници се со спротивставени ставови. Според изјавата на шефицата на Европската комисија, Унијата е едногласна во осудата на иранскиот режим поради угнетувањето. Налик на американскиот став, сега било времето Иранците да си ја одлучат судбината. Турбуленциите на светските пазари го засегаат и Брисел, кој се залага за спречување на проширувањето на конфликтот.

„Сведоци сме на бомбардирањето на рафинеријата на Сауди Арамко, една од најсилните најнеодговорни и најризични напади на Иран и неговите сојузници врз суверени земји во регионот. Стабилноста има најголема важност. Само дипломатското решение е трајно“, вели Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Така докрај не размислува шпанскиот премиер Санчез, чија земја е премногу блиску до арапските соседи на африканскиот север. Го оцрни и режимот во Техеран.

„Целото шпанско општество е против иранскиот режим, но исто така и против неоправданите, опасни воени интервенции надвор од сите меѓународни закони. Војна водена без одобрение на Конгресот на САД и на Советот за безбедност на Обединетите нации го крши меѓународното право“, оценува Педро Санчез, премиер на Шпанија.

Кина е загрижена поради развојот на воената состојба и е подготвена со меѓународната заедница да работи на мирно решение за да не дојде до прелевање вон регионот.

„Кина верува во потполното почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите во Заливот. Ги повикуваме завојуваните страни да ги запрат воените операции за да спречат натамошно ширење на војната“, рече Мао Нинг- портпаролка на Министерството за надворешни работи на Кина.

Руското министерство за надворешни побара итен прекин на непријателските активности на Блискиот исток. Целта на Вашингтон и Тел Авив, преку атентатите врз иранското раководство е да се нарушат односите меѓу Иран и арапските соседи, се вели во соопштението.

Во итниот телефонски разговор меѓу шефот на Кремљ, Путин со претседателот на Емиратите, Ал Нахјан посочил дека емиратите не биле платформа за лансирање американски удари врз Иран и затоа била неоправдана штетата направена со иранските проектили. Ќе ја пренесеме пораката до Техеран, рекол шефот на Кремљ.

Зоран Богатинов