Економија

Потрес на берзите поради кризата на Блискиот Исток

02.03.2026 19:25

Кризата на Блискиот Исток направи потрес на берзите. Регистриран значителен скок на цените на нафтата, гасот и на златото по нападите на САД и Израел врз Иран, но и акциите на Техеран против бродовите со нафта во Ормутскиот теснец.

Кризата на Блискиот Исток направи потрес на берзите. Скокнаа цените на нафтата, гасот и на златото. Нафта има, но прашање е по која цена ќе се продава, се заканува да достигне и 100 долари за барел, а тоа ќе предизвика сериозен удар врз светската економија. Ќе се зголемат цените на сите производи и ќе се разгори инфлацијата, предупредуваат економистите.

„Дополнително ако дојде до определени забавувања и неможност да се испорачаат стоки или услуги заради немањето доволна количина на енергија може да ги запре или да ги забави светските ланци на снабдување. Тоа се ризиците, тоа е антиципацијата на цените кои ги имаме денеска изразени преку намалување на вредноста на голем дел од акциите“, вели Коста Костадиновски – Капитал асет менаџмент.

Изненадување е берзата во Тел Авив, која изутринава била во плус за четири насто. Европските индекси се намалени за два до три проценти. Според познавачите намалувањето е добра можност да се купат акции од квалитетни компании.

„Јас оваа ситуација би гледал како како шанса да се купат акции од компании кои нема да бидат допрени од кризата или ќе имаат минимални штети, а притоа ќе можат да се купат по пониски цени. Тоа за мене е нешто што би го гледал како потенцијална прилика“, додава Костадиновски.

Инвеститортите сигурност бараат во златото. Се ќе зависи колку долго ќе трае кризата.

Кризата на Блискиот Исток се заканува да предизвика глобален економски шок. Повисоката цена на нафтата може дополнително да ја засили инфлацијата во земјава.

Андријана Ѓурческа