Трамп: Големиот бран допрва доаѓа
Блискиот исток гори. Хезболах истрела ракети, Израел нападна во Либан. Иран одбива преговори со САД, Трамп најави нови удари. Експлозии во земјите од Заливот, погодени американски авиони во Кувајт и нафтени капацитети во Саудиска Арабија.

Ескалација без преседан на Блискиот Исток. Иран ги проширува нападите – ракети и дронови кон Израел, експлозии во Обединети Арапски Емирати, погодени енергетски објекти во Катар и Саудиска Арабија. Во Кувајт гори американската амбасада, а три авиони на САД се соборени од пријателски оган. Ракети се пресретнати и над Аман во Јордан. САД и Израел возвраќаат. Вашингтон со порака дека „големиот бран“ допрва доаѓа, без да се исклучи можноста за испраќање американски трупи. Таргетирана иранската телевизија, оштетена и болница во близина.
„Продолжуваме со големите борбени операции во Иран и ги елиминираме заканите што ги претставува иранскиот режим. Иран ги игнорираше предупредувањата на САД и одби да престане со својата потрага по нуклеарно оружје. Целите на операцијата во Иран се јасни-уништување на ракетните капацитети на Иран и уништување на нивната морнарица покрај спречувањето да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Нападот врз Иран не е за промена на режимот туку да се уништи заканата. Ние не ја започнавме оваа војна, но ќе ја завршиме-нагласи американскиот министер за одбрана.
„Долги 47 години, експанзионистичкиот и исламистички режим во Техеран води дива, еднострана војна против Америка. Ние не ја започнавме оваа војна, но под водство на претседателот Трамп ја завршуваме. Ова не е војна за промена на режимот, но режимот сигурно се промени и светот е подобар поради тоа“, рече Пит Хегсет, министер за одбрана на САД.
Кога народот на Иран ќе го отфрли јаремот на тиранијата САД и Израел „ќе бидат таму“-вели Нетанјаху.
„Денот кога храбриот ирански народ ќе може да се ослободи од јаремот на тиранијата се приближува. И кога ќе дојде тој ден, Израел и САД ќе бидат таму“, нагласи Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Израел го предупреди Либан дека би можел да нападне големи инфраструктурни објекти доколку владата не преземе мерки против Хезболах, додека гранатира цели во Бејрут како одговор на претходните напади на Хезболах.
„Ќе се погрижиме Хезболах да плати висока цена за сè што направи, секој што го следи патот на Хамнеи завршува како Хамнеи, на дното на пеколот, заедно со сите оние од Оската на злото“, рече Израел Кац, израелски министер за одбрана.
Конфликтот од Блискиот исток се префрли и на медитеранот откако претходно ирански шахеди погодија британска база на Кипар. Грција воведува засилени безбедносни мерки околу американски и израелски цели додека Британија ја правда одлуката да им дозволи на САД користење на нивните бази за да се заштитат невини цивили.
„Донесовме одлука да го прифатиме барањето на САД со цел да се спречи Иран да испука ракети низ регионот, убивајќи невини цивили, ставајќи ги во опасност британските животи и удирајќи земји кои не биле вклучени. Да бидеме јасни, употребата на британските бази е ограничена на договорените одбранбени цели. Ние не се приклучуваме кон офанзивните напади на САД и Израел“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
По убиството на Хамнеи, Исламската република избра тричлен совет на лидерство кој ќе управува со земјата, со Алиреза Арафи како привремен водач.
„Уште еднаш, Соединетите Американски Држави и ционистичкиот режим започаа несоодветна, неточна и неправедна акција на погрешна пресметка. Овој совет ќе ги извршува должностите што му се доверени. Ги уверувам сите наши вооружени сили и нашата нација дека сите гранки на државата се на ваша служба“, нагласи Алиреза Арафи, шеф на привремениот совет на лидерство на Иран.
Меѓународната агенција за атомска енергија предупреди за нуклеарен инцидент на Блискиот Исток, иако засега не гледа никакви индикации дека најновите напади во Иран оштетиле нуклеарни постројки.
Бојана Крстевски
