Блиски Исток

Иран ги проширува одмаздничките напади

03.03.2026 08:46

Иран продолжува со гранатирање во блискоисточните земји. Со дронови нападната и американската амбасада во Саудиска Арабија. Закани со напади и на европско тло упати и иранскиот амбасадор во Шпанија. Американскиот претседател Трамп ја оправдува акцијата во Иран со недостиг на напредок во дипломатските напори.

Иран ги проширува одмаздничките напади низ целиот регион. Бахреин, островското кралство кое е дом на Петтата флота на американската морнарица, соопшти дека пресретнале десетици ракети и дронови. Саудиска Арабија потврди дека Амбасадата на САД во Ријад била нападната од два дрона, што предизвикало ограничен пожар во зградата Американскиот Стејт департмент ги повика Американците веднаш да ги напуштат над десетина земји од Блискиот Исток. И Израел и САД продолжија со бомбардирањето на Иран во операција за која американскиот претседател рече дека веројатно ќе трае неколку недели. Шефот на Белата Куќа исто така ги оправда нападите со недостиг на напредок во дипломатските напори да се постигне договор за иранската нуклеарна програма.

Сфативме дека со тие луѓе не се преговара. Ирански режим вооружен со проектили со долг дострел и нуклеарно оружје би бил неподнослива закана за Блискиот Исток и за американскиот народ. Нашата земја би била под закана и дојде блиску до таа закана.

Одлуката за напад Исламската Република беше последната, најдобра шанса да се запре режимот во земјата, истакна Трамп. Нотираше дека веќе над 1250 цели се погодени. Уништувањето на балистичките ракетни капацитети на Иран, а непромената на режимот е целта на нападите, став на државниот секретар на САД. Рубио предупреди дека „најтешките удари“ во операцијата допрва доаѓаат.

Цела на оваа операција е да се уништи нивниот балистички ракетен капацитет и да се осигури дека не можат да го обноват, и дека не можат да се кријат зад тоа – да имаат нуклеарна програма. Сепак, сосема е јасно, би сакале да го видиме Иран кој не е создаден од радикални шиитски свештеници, како што е со години. Раководството на таа земја не го одразува народот на Иран и мислам дека тоа беше прилично очигледно во протестите.

Во американско-израелски напади врз Иран беше убиен врховниот лидер, ајатолах Али Хамнеи и други врвни лидери. Земјата брои стотици жртви. Иранскиот амбасадор во Шпанија се закани дека би можеле да ги таргетира американските воени бази во Европа. Изјавата доаѓа откако Шпанија одби да даде дозвола на САД да ги користат заедничките воени бази за напади. Дипломатот на Техеран во Обединетите нации, изјави дека САД се виновни за воени злосторства против неговата нација.

Во неодговорна и невидена ескалација, САД и Израел намерно ги таргетираа Врховниот лидер на Исламската Република Иран и многу високи воени функционери. Таргетирањето на највисокиот функционер на суверена земја-членка на Обединетите Нации е флагрантно кршење на меѓународното право и директен напад врз суверената еднаквост. Таквото однесување го загрозува целиот меѓународен систем.

Израел продолжи со нападите врз цели на Хезболах во Либан, предупредувајќи дека воените операции нема да завршат сè додека заканата не биде целосно отстранета. Пријавени десетици загинати. Стотици жители на Бејрут биле принудени да се евакуираат.

Ќе дејствуваме за разоружување на Хезболах и отстранување на заканите од израелските граѓани, со акцент на жителите на север.

Иран го затвори Ормускиот теснец, објавија силите на Револуционерната гарда на земјата и се закани дека ќе го запали секој брод што ќе се обиде да помине низ него. Се смета дека ова е најважна рута за извоз на нафта во светот и е под иранска контрола.

 

Маријана Димовска