Блискиот Исток гори, Иран продолжува со нападите
Иран продолжува со гранатирање во Блискоисточните земји. Со дронови нападната и американската амбасада во Саудиска Арабија. Закани со напади и на европско тло упати и иранскиот амбасадор во Шпанија. Американскиот претседател Трамп ја оправдува акцијата во Иран со недостиг на напредок во дипломатските напори...

Иран ги проширува одмаздничките напади низ целиот регион. Американскиот Стејт департмент ги повика Американците веднаш да ги напуштат над десетина земји од Блискиот Исток. Бахреин соопшти дека пресретнале десетици ракети и дронови. Саудиска Арабија потврди дека Амбасадата на САД во Ријад била нападната од два дрона, Трамп се закани со одговор. Дипломатското претставништво на САД во Кувајт е затворено до понатамошно известување. И Израел и САД продолжија со бомбардирањето на Иран во операција за која американскиот претседател рече дека веројатно ќе трае неколку недели. Уништувањето на балистичките ракетни капацитети на Иран, а не промената на режимот е целта на нападите, став на државниот секретар на САД. Рубио предупреди дека најтешките удари во операцијата допрва доаѓаат.
„Цела на оваа операција е да се уништи нивниот балистички ракетен капацитет и да се осигура дека не можат да го обноват, и дека не можат да се кријат зад тоа – да имаат нуклеарна програма. Сепак, сосема е јасно, би сакале да го видиме Иран кој не е создаден од радикални шиитски свештеници, како што е со години. Раководството на таа земја не го одразува народот на Иран и мислам дека тоа беше прилично очигледно во протестите“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
„Ова ќе биде брза и решителна акција. И ние прво ќе создадеме услови иранскиот народ да ја преземе контролата врз својата судбина, да формира своја демократски избрана влада што ќе го направи Иран сосема поинаков Иран“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Вашингтон тврди дека над 1.250 цели биле погодени. Во исто време објави дека се проширува списокот на ликвидирани ирански лидери, покрај убиството на ајатолах Али Хамнеи. Земјата брои стотици жртви. Иранскиот амбасадор во Шпанија се закани дека би можеле да ги таргетира американските воени бази во Европа.
„Ние цврсто стоевме против најсилната армија на планетата, која е потпомогната од друга армија која има свои идеи. Тие имаат напредна воена технологија и голем број вооружени сили на копно, море и воздух. Секој виде каква кампања започнаа против нас, а ние цврсто стоевме“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Израел продолжи и со нападите врз цели на Хезболах во Либан, предупредувајќи дека воените операции нема да завршат сè додека заканата не биде целосно отстранета. Пријавени десетици загинати. Стотици жители на Бејрут биле принудени да се евакуираат. Иран го затвори Ормускиот теснец, објавија силите на Револуционерната гарда на земјата и се закани дека ќе го запали секој брод што ќе се обиде да помине низ него.
Маријана Димовска
