МНР

Македонски државјани чекаат евакуација од ризичните подрачја

03.03.2026 12:43

Повеќе од 470 македонски државјани побарале евакуација од Емиратите, Катар и од Израел. Сè уште нема услови да бидат извлечени. Евакуацијата ќе започне во првата безбедна прилика, велат од МНР. Сè уште не се препорачува по копнен пат...

Расте бројот на граѓани кои бараат помош за напуштање на ризичните подрачја. Од почетокот на конфликтот 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.

Од нив 19 се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека најголемиот дел, 348 се обратиле до ДКП ТО во Абу Даби, од нив 18 лица од Кувајт и 12 од Бахреин. Засега нема можност за евакуација од Емиратите и Катар, се разгледуваат можните алтернативи за безбедно извлекување на Македонците од Тел Авив, информираат од МНР.

„Согласно информациите добиени од надлежните власти, во моментов сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови“, се вели во соопштението од МНР.

Министерството за надворешни со апел до нашинците редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. Потсетуваат на дежурните телефонски броеви и на кризниот штаб при ресорното Министерството како и контактите на дипломатските претставништва.

 

Викторија Милевска