Блиски Исток

Ескалација на Блискиот Исток: САД затвораат амбасади, продолжуваат нападите со ракети и дронови

03.03.2026 15:13

Состојбата на Блискиот Исток и натаму драматична. САД затворија амбасади и го повикаа персоналот и американските граѓани да напуштат десетина земји од регионот. Војната со ракети и беспилотни летала продолжува. Меѓународната агенција за атомска енергија нотира дека во нападите дошло до оштетување на влезната врата од една од иранските нуклеарни централи во исто време, Израел испрати војници во Либан, но негира дека спроведува копнена офанзива. Воените дејствија ја запреа и помошта за Газа.

Стејт департментот ги повика Американците веднаш да ги напуштат земјите од Блискиот Исток. Вашингтон затвори неколку дипломатски мисии низ регионот. Иранскиот амбасадор во Шпанија се закани дека би можеле да ги таргетираат американските воени бази во Европа. Израел и САД продолжија со бомбардирањето на Иран во операција за која американскиот претседател рече дека веројатно ќе трае неколку недели.

„Цела на оваа операција е да се уништи нивниот балистички ракетен капацитет и да се осигури дека не можат да го обноват, и дека не можат да се кријат зад тоа – да имаат нуклеарна програма. Сепак, сосема е јасно, би сакале да го видиме Иран кој не е создаден од радикални шиитски свештеници, како што е со години“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

„Ова ќе биде брза и решителна акција. И ние прво ќе создадеме услови иранскиот народ да ја преземе контролата врз својата судбина, да формира своја демократски избрана влада што ќе го направи Иран сосема поинаков Иран“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека дошло до оштетување на влезните згради во иранска подземна нуклеарна централа, но не очекува радиолошки последици или дополнително влијание во самата постројка. Во израелско-американските удари врз Иран од саботата загинале речиси 800 луѓе, објавија меѓународните агенции.

„Ние цврсто стоевме против најсилната армија на планетата, која е потпомогната од друга армија која има свои идеи. Тие имаат напредна воена технологија и голем број вооружени сили на копно, море и воздух. Секој виде каква кампања започнаа против нас, а ние цврсто стоевме“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Во исто време Израел испрати дополнителни сили во јужниот дел на Либан. Властите негираат дека станува збор за копнена офанзива, распоредувањето на војниците е во рамки на тактичка мерка за спречување напади од Хезболах.

„Извршивме серија превентивни напади врз воената инфраструктура на Хезболах низ Либан со цел да го неутрализираме континуираниот оган кон нашите цивили. Хезболах повторно го избра иранскиот режим пред безбедноста на либанскиот народ“, изјави потполковник Надав Шошани, портпаролот на израелската војска.

Поради војната, Израел ја забрани испораката на гориво и храна во Газа. Територијата разурната од војна се соочува со нова хуманитарна криза.

 

Маријана Димовска