Случај „Пулс“

Тројцата обвинети полицајци кои го контролирале „Пулс“ се изјаснија дека не чувствуваат вина

03.03.2026 14:01

Незаконитото постапување на тројцата полицајци кои го инспектирале клубот „Пулс“ влезе во судница. Им се суди за злоупотреба на службената положба, бидејќи му овозможиле на сопственикот да избегне казна за незаконито работење. Сите тројца рекоа дека не се чувствуваат виновни...

Газдата на „Пулс“, Дејан Јованов, куртулил од казни за незаконито работење откако полицајците кои го контролирале клубот погрешно ги пополниле записниците, односно, наместо името на фирмата впишале друга која била неактивна и на тој начин го спасиле газдата од глоба. Ова стои во обвинителниот предлог против тројца полицајци од Кочани, обвинети за злоупотреба на службената положба.

Од Обвинителството појаснуваат дека полицајците требало да побараат на увид конкретни документи од клубот и во записникот да ги внесат податоците. Наместо тоа, впишале податоци кои усно им биле издиктирано, а биле неточни. Нивниот шеф, кој исто така е обвинет, не ги проверил записниците.

На првото рочиште сите тројца кажаа дека не се чувствуваат виновни. Ако обвинителството докаже дека во двете извршени контроли сториле пропусти, им се заканува казна затвор до три години.

Анита Димитријевска - Велковска