Македонија

Вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи по трагичниот случај во скопски Карпош

03.03.2026 14:18

Од Министерството потенцираат дека секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди и дека одговорност мора да има согласно закон.

Министерство за социјална политика, демографија и млади изрази длабоко сочувство до семејството и блиските на мајката и детето кои трагично го загубија животот и информира дека веднаш е спроведен вонреден инспекциски надзор во Центар за социјални работи – Скопје.

Како што соопштуваат од Министерството, надзорот е извршен согласно законските надлежности и принципот на должно внимание, со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба и начинот на постапување на институцијата.

Според првичните информации од инспекторите, починатата заедно со сопругот првпат биле евидентирани во Центарот на 7 октомври 2025 година, по барање на Основен граѓански суд Скопје за постапување по тужба за развод на брак.

Во однос на пријавеното насилство, допис од Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија бил примен и заведен во Центарот на 2 февруари 2026 година, а се однесувал на настан од 19 декември 2025 година, за сторен прекршок против јавниот ред и мир, односно физички напад на сопругот врз сопругата.

Од Министерството потенцираат дека секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди и дека одговорност мора да има согласно закон.

Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се врвен приоритет и нема да дозволиме институционални слабости да останат неадресирани, наведуваат од Министерството.

Инспекцискиот надзор е во тек, а по неговото завршување јавноста ќе биде транспарентно информирана за наодите и за понатамошните мерки.