МНР

Се подготвува извлекување на нашинците од ризичните подрачја

03.03.2026 17:07

МНР информира дека се подготвуваат планови за безбедна евакуација штом се создадат услови. Земјава останува во координација со партнерските земји за безбедно враќање на своите државјани. Дел од граѓаните веќе обезбедиле билети, а се разгледуваат и копнени рути преку Оман и Саудиска Арабија.

Со користење на комерцијални летови, а по потреба и владиниот авион, МНР планира да ги враќа македонските државјани од Израел преку Египет. За Емиратите и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови-соопштуваат од Министерството за надворешни, потенцирајќи дека остануваат во контакт со пријателските земји и партнерите, како и преку дипломатските претставништва за безбедно и навремено враќање на нашинците во Македонија.

„Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување. Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет“-соопштија од МНР.

Во меѓувреме расте бројот на граѓани кои бараат помош за напуштање на ризичните подрачја. Вкупно 473 македонски државјани од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток контактирале со претставништвата во Тел Авив, Доха и Абу Даби. Од нив 19 се пријавени од Израел, 106 од Катар, 348 се обратиле до ДКП-то во Абу Даби, од нив 18 лица од Кувајт и 12 од Бахреин.

„Согласно со информациите добиени од надлежните власти, во моментов сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за граѓаните кои се наоѓаат во Катар и Обединетите Арапски Емирати. Евакуацијата ќе биде отпочната во првата безбедна прилика, при што веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување веднаш штом се создадат соодветни услови“-додаваат од Министерството.

Ограничен број летови веќе ги напуштиле Емиратите преку аеродромите во Абу Даби и Дубаи кои беа мета на нападите од Иран, но со тие летови биле извлечени патниците затекнати во трансфер зоните.

Македонската амбасада во Абу Даби ја разгледува можноста за репатријација и евакуација преку копно преку султанатот на Оман и Саудиска Арабија, и во понатамошна комуникација со властите во Обединетите Арапски Емирати за да се организира евакуација и со други летови, веднаш по добивање на официјална потврда дека воздушниот простор е безбеден за летање.

Викторија Милевска