Руте: НАТО не е вклучен во нападите врз Иран, но ќе ја брани секоја педа од територијата на сојузниците
Иран со децении е извор на ескалации и нестабилност. НАТО ќе го брани секој дел од територијата на алијансата, изјави генералниот секретар на НАТО Марк Руте, по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Шефицата на македонската држава рече дека најголема инвестиција и гаранција за мирот и безбедноста е наше членство во Европската Унија.

НАТО не е директно вклучен во нападите на САД и Израел врз Иран, но мора да запреме Иран да развие нуклеарно оружје и проектили со голем дострел што можат да нападнат цели не само на Блискиот Исток туку и пошироко. НАТО ќе ја брани секоја педа на територијата на сојузниците, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте при првата посета на земја-членка по нападите на Иран врз бази на САД и партнерите во регионот.
Одлуката како НАТО ќе постапи во врска со Иран не е одлука само на една земја-членка туку на сите во Алијансата, посочи претседателката Сиљановска-Давкова. Останува на ставот дека се следи ситуацијата на Блискиот Исток. Македонија продолжува да придонесува за мирот со мисии за засилување на источното крило на НАТО поради руската агресија, со поддршка на Украина и со учество во КФОР на Косово. На генералниот секретар на НАТО, претседателката му укажала дека членството на Македонија во ЕУ ќе придонесе за поголема безбедност на Западниот Балкан.
На првиот човек на НАТО му беше презентирана лесната пешадиска баталјонска група како декларирана единица за НАТО операции која годинава ќе биде повторно оценувана за подготвеноста. Руте поздрави што Македонија издвојува над 2 проценти од БДП за воен буџет и го зголемува кон 5 насто.
Посетата на Марк Руте е прва како генерален секретар на НАТО во Македонија во година кога се навршуваат 6 години од полноправното членство во НАТО.
Ирина Гелевска
