Димитриеска-Кочоска: Состојбата будно се следи, доколку е потребно ќе се преземат мерки
Нафтени резерви има, будно се следи состојбата на Блискиот Исток, вели министерката за финансии, Димитриеска-Кочоска. Ако треба ќе се реагира согласно со законите. Според неа растот на БДП во четвртиот квартал од 2025 година е потврда за позитивните економски движења.

Цената на нафтените деривати засега е стабилна, но будно се следи енергетската состојба-уверува министерката Кочоска, со оглед на геополитичките ризици од војната на Блискиот Исток каде има најголеми резерви. Вели, ако се потребни соодветни мерки ќе се преземат согласно со законот.
Државните нафтени резерви се стабилни, обезбедуваат сигурност на снабдувањето за граѓаните и стопанството-информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Агенцијата за задолжителни резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето“, велат од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Шести квартал според економскиот раст на БДП со тренд за зголемување, само во четвртиот квартал од 2025-та од 3,8 насто, со што домашната економија предничи во споредба со оние во соседството и пошироко-вели министерката Кочоска. Ова е резултат на зголемената активност во сите сектори, а најмногу во градежништвото, стручно-научните дејности, трговијата, недвижниот имот.
Буџетскиот дефицит е намален за четири насто. Намалување бележи и јавниот долг и изнесува 59,3 насто. Реализацијата на капиталните инвестиции е зголемена за 179,9 насто споредено со првите два месеца изминатата година.
Александра Велинова
