Економија

3,5% раст на БДП во 2025-та

03.03.2026 15:52

Според министерката за финансии резултатите се потврда за, како што рече, внимателниот пристап во водењето на фискалната политика и континуитетот на позитивните економски движења, со раст во шест последователни квартали.

Реалниот раст на БДП во 2025 година изнесува 3,5%, додека во четвртиот квартал е забележан раст од 3,8%, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, повикувајќи се на податоците на Државен завод за статистика.

Според неа, резултатите се потврда за, како што рече, внимателниот пристап во водењето на фискалната политика и континуитетот на позитивните економски движења, со раст во шест последователни квартали.

Во последниот квартал највисок раст е забележан во градежништвото (14,6%), стручните и научни дејности (8,1%), трговијата и транспортот (4,4%), како и во преработувачката индустрија (3,6%). Извозот на стоки и услуги пораснал за 9,7% на реална основа, додека увозот бележи раст од 3,3%, што значи позитивен придонес на нето-извозот.

Министерката информира дека буџетскиот дефицит за 2025 година изнесува 4% од БДП, а јавниот долг е намален на 59,3% од БДП.