САД

Трамп: Премногу е доцна за преговори

03.03.2026 18:52

Состојбата на Блискиот Исток и натаму драматична. САД затворија амбасади и ги повикаа персоналот и американските граѓани да напуштат десетина земји од регионот. Војната со ракети и беспилотни летала продолжува. Доцна е за преговори, вели Трамп. Техеран се закани со глобални последици. Во исто време, Израел испрати војници во Либан, но негира дека спроведува копнена офанзива. Воените дејствија ја запреа и помошта за Газа.

Во ек на продолжени американско-израелски напади врз Иран и Либан, САД затворија амбасади и ги повикаа сите свои државјани да го напуштат регионот додека ги одбиваат иранските напади во државите од Заливот. Техеран бара разговори со САД-тврди Трамп, нагласувајќи дека можноста за преговори измина.

„Нивната воздушна одбрана, воздухопловните сили, морнарицата и раководството ги нема. Тие сакаат да разговараат. Јас реков: „Премногу е доцна!“-објави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Од Вашингтон велат – имаат доволно оружје на залиха за „вечна“ војна. Се уништуваат стратешки објекти на раководството на режимот на Иран.

„Ги погодивме претседателската канцеларија, комплексот за состаноци на високото раководство на режимот и дополнителна командна инфраструктура. Удривме врз комплексот на Врховниот совет за национална безбедност-тело одговорно за донесување политички и стратешки одлуки во Иран“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

„Целта на оваа операција е да се уништи нивниот балистички ракетен капацитет и да се осигура дека не можат да го обноват, и дека не можат да се кријат зад тоа – да имаат нуклеарна програма“, рече Марко Рубио, државен секретар на САД.

Меѓународна агенција за атомска енергија потврди оштетувања на влезните објекти на иранската подземна нуклеарна централа, но без радиолошки последици. Од почетокот на нападите врз Иран досега загинале речиси 800 луѓе. Техеран предупредува на глобални последици поради американската војна.

„Меѓународната заедница не е слепа. Таа гледа што се случува и ако одлучи да го игнорира ќе се соочи со последиците. Процесот што почна наскоро ќе стигне до Европа. Ако земјите мислат дека можат безбедно да седат во ќош додека не заврши овој конфликт, а потоа да земат дел од него, тие сериозно грешат. Огнот на оваа војна е многу заразен и ќе го зафати целиот свет“, рече Есамаил Багаи, портпарол за надворешни работи на Иран.

Турција предупреди на ширење на конфликтот и соопшти дека соработува со сите страни за да стави крај на војната. На итен прекин на непријателствата повика и Русија. Кремљ потврди дека Путин ќе му ја пренесе на Техеран загриженоста на лидерите од Заливот поради иранските напади врз нивна територија.

„Мора да направиме сè што е можно за да ги спречиме сите дејствија што резултираат со цивилни жртви. Редовно слушаме за целите на оваа војна, но сè уште не гледаме докази дека Иран развивал нуклеарно оружје“, вели Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи.

Во истовреме во Вашингтон средба меѓу германскиот канцелар Мерц и американскиот претседател Трамп, додека Европа се бори да одговори на растечкиот конфликт на Блискиот Исток. Додека ЕУ во неделата повикаа на целосно почитување на меѓународното право, Германија, Франција и Обединето Кралство одделно најавија чекори за заштита на своите и интересите на сојузниците во регионот.

Бојана Крстевски