Руте во посета на Скопје

Сиљановска-Давкова: Итна интеграција на Западен Балкан во ЕУ е гаранција за мирот

03.03.2026 19:31

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по средбата со генералниот секретар на НАТО порача дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата целосна и итна интеграција во ЕУ, во услови на засилени глобални безбедносни предизвици.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести го пречека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој е во прва официјална посета на земјава.

Сиљановска-Давкова оцени дека посетата на Руте доаѓа во време на растечки геополитички тензии, војна на европско тло, хибридни и сајбер закани, како и дезинформациски кампањи, што ја потврдува важноста на сојузничката солидарност во рамки на НАТО.

Двајцата соговорници се согласиле дека итната интеграција на Западен Балкан во Европската Унија е најдобар одговор на надворешните влијанија и клучна инвестиција во долгорочната безбедност на регионот и на Европа.

„Мора да ставиме крај на вештачките причини и на причините од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми. Одговорно тврдам дека најголемата инвестиција и гаранција, не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија“, нагласи претседателката Сиљановска- Давкова.

Руте ја потврдил значајната улога на земјава за безбедноста на Западен Балкан, оценувајќи дека регионот е од стратешко значење и дека Алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум.