Руте во касарната „Илинден“: Дејствувате над своите капацитети во НАТО
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при посетата на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје порача дека земјава дава придонес над своите капацитети во рамки на Алијансата, особено преку истурените копнени сили.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска ја посети Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје, во рамки на неговата официјална посета на Република Северна Македонија.
Тој беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Обраќајќи се пред припадниците на Армијата, Руте го истакна придонесот што државата го дава во рамки на НАТО.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Land Forces)“, рече Руте, додавајќи дека со тоа се придонесува за одбрана на „секој педа од територијата на Алијансата“.
Во рамки на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата во рамки на Алијансата, генерал-мајор Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.
На настанот присуствуваа генерали и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
