Струмица

Македонскиот актер Бајруш Мјаку лауреат на фестивалот „Ристо Шишков“

13.09.2014 16:06

Меѓународната жири комисија на чело со минатогодишниот лауреат словенечкиот актер Нико Горшиќ едногласно одлучиле Мјаку да го добие златниот медалјон со ликот на Шишков, 1.500 евра парична награда и признание...

Македонскиот актер Бајруш Мјаку за неговата изведба на ликот на доктор Стокман во драмата „Народен непријател“ на Ибзен во режија на Дино Мустафовиќ ја понесе единствената наградата на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ за актерско достигнување. Од 2002 година сум дел на фестивалот, наградата неколкупати ме одминуваше, рече Мјаку по врачувањето на највисокото признание.

„Никогаш не е доцна, јас не сум ги правел преставите за да дојдам во Струмица и ја освојам оваа награда, туку затоа што јас не можам без театар, без сцена, како што не можеше и Шишков без сцена и креации“, рече Бајруш Мјаку, лауреат на ФКТ „Ристо Шишков“.

Меѓународната жири комисија на чело со минатогодишниот лауреат словенечкиот актер Нико Горшиќ едногласно одлучиле Мјаку да го добие златниот медалјон со ликот на Шишков, 1.500 евра парична награда и признание.

„Која го одразува неговиот творечки капацитет на исклучителен актер“, рече Гоце Ристовски, член на жири комисијата.

22-то издание на Фестивалот на камерен театар траеше 5 дена, во кои струмичката публика погледна 10 претстави. Доделени беа и осум награди од театарската мрежа НЕТА, меѓу кои за струмичкиот ансамбал за најдбра колективна игра во претставата „Вечната игра“ по текст на Митко Маџунков, а во режија на Бранко Ставрев, а прилепскиот театар со претставата Буре Барут за оригинална музика и актерска интерпретација.

Катерина Давчева