САД и Израел со напади, Техеран возвраќа
Иран го избра Мојтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, за нов врховен водач на Исламска република, објавија иранските државни медиуми. Трамп изрази загриженост доколку се случи ваков избор. Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и од САД. Одекнаа експлозии …

Под притисок на револуционерната гарда, Иран го избра Мојтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, за нов врховен водач на Исламската република-објавија иранските државни медиуми. Изборот доаѓа во момент на ескалирачки американско-израелски воени операции во Иран. Американскиот претседател Трамп претходно изрази загриженост дека нападите би можеле да доведат до ново раководство што би било исто толку проблематично за Вашингтон како и режимот што САД и Израел се обидуваат да го соборат.
„Мислам дека најлошото сценарио би било, ние го правиме ова, а потоа некој презема кој е исто толку лош како претходниот, нели? Тоа може да се случи. Минувате низ ова, а потоа за пет години сфаќате дека сте поставиле некого кој не е ништо подобар“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во истовреме, Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и САД. Експлозии одекнаа во близина на американскиот конзулат во Дубаи, гори нафтен објект во Фуџиара, нападната дипломатска станица на САД во Ирбил во Ирак додека британски авиони пресретнуваат ирански дронови над Јордан, Ирак и Катар. Вашингтон тврди – Иран е речиси уништен. Нема да дозволат Техеран да има нуклеарно оружје.
„Иран никогаш не може да има нуклеарно оружје и нема да дозволиме да се крие зад имунитетот на масивна краткорочна балистичка ракета. Сè е според распоредот, продолжуваме кон овие цели“, изјави Марко Рубио, изјави државен секретар на САД.
„Бахреин, Оман и многу други земји. Најмалку десетина земји-членки на ОН беа цел на напади, вклучувајќи го и Кипар, европска земја. Тоа не е стратегија туку очај. Режим кој напаѓа како бесно животно. Замислете за момент истиот тој режим да има намонтирано нуклеарни боеви глави на тие балистички ракети. Замислете ја опасноста не само за Израел, туку и за целиот свет. Затоа дејствувавме“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во Обединетите нации.
Шефот на меѓународната агенција за атомска енергија Гроси вели дека нема докази дека Иран гради нуклеарна бомба, но има причина за загриженост. Катар со предупредување до Техран по иранските напади врз негова територија-сите црвени линии се веќе преминати, нема да останеме без одговор.
„Нападите врз нашиот суверенитет се постојани. Има напади врз инфраструктурата, врз нашите станбени области и ефектите се многу јасни. Затоа, не претпоставувам дека има повеќе црвени линии што треба да се преминат кога нашиот суверенитет е цел на овој начин“, изјави Мајед Ал-Ансари, портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.
Истовремено, продолжуваат воздушните пресметки меѓу Израел и Хезболах во Либан. ОН загрижени поради ширењето на огнот во регионот.
„Загрижени сме за ширењето на огнот на нови фронтови. Сведоци сме на зголемениот број цивилни жртви и хуманитарното влијание на луѓето во регионот. Решението за она што се случува не се повеќе војници или оружје, туку запирање и враќање на преговарачката маса“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
И додека САД наредија прекин на сите дипломатски врски со Шпанија поради нивните ставови во однос на воените операции во Иран и користењето на базите, Германија ја истакна поддршката и заедничката позиција во однос на иранскиот режим. Во меѓувреме Франција нареди преместување на нуклеарниот носач на авиони од Балтичко Море во Медитеранот по нападите во Кипар додека европските земји и САД продолжија со евакуација на своите граѓани од погодените подрачја.
Бојана Крстевски
