ДЗР

Финансиски злоупотреби и „исчезнати“ лаптопи во Министерството за односи меѓу заедниците, утврди ревизијата на ДЗР

04.03.2026 09:33

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави алармантен извештај за работата на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, во кој е изразено неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законите...

Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави алармантен извештај за работата на Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, во кој е изразено неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законите.

Ревизорите нотираат серија сериозни пропусти – од исчезната ИТ опрема и нерегистрирани возила, па сè до исплата на плати за вработени кои воопшто не се појавувале на работа.

При годишниот попис на основните средства, утврдено е дека дури 28 проценти од вкупните средства,  со вредност од околу 25.000 евра, едноставно ги нема. Меѓу „исчезнатите“ предмети се и 30 преносни компјутери, за кои Министерството немало воспоставено систем на реверси за задолжување на вработените.

Дополнително, за седум моторни возила воопшто не постоела сметководствена евиденција, а Министерството побарува над 34.000 евра од вработени за долгови настанати во периодот од 2012 до 2020 година, за кои денес нема никаква документација за тоа кој точно ги должи парите.

Еден од најскандалозните наоди се однесува на исплатата на платите. За дури 150 вработени или 61% од вкупниот број, министерството исплаќало плати без никаков доказ за нивната присутност на работното место. Иако постоел систем за електронска евиденција, тој не се користел како критериум за исплата, со што се отвора сомнеж за фиктивни вработувања.

Ревизијата утврдила и сериозни слабости во јавните набавки, злоупотреба на гориво. Исплатени се над пола милион денари за нафтени деривати без соодветна контрола на регистарските таблици, што овозможило да се полни гориво и во возила кои не се во сопственост на државата. Прифатени се понуди за сервисирање на возила со цена од „0,01 денар“ по работен час, за подоцна на фактурите да се појават цени многукратно повисоки од пазарните.

Според извештајот, склучен бил договор вреден 11,8 милиони денари за привремени вработувања со агенција која не доставила доказ дека ги поседува потребните лиценци.

Пропусти има и кај грантовите за граѓански организации. Од 33 здруженија кои добиле буџетски пари, дури 17 (или 51%) треба да ги вратат средствата бидејќи не доставиле докази за нивно наменско трошење. За дел од овие случаи веќе се поведени медијации и судски постапки за поврат на средствата.