Синот на Хамнеи, Мојтаба e избран за нов ајатолах на Иран
Иран го избра Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, за нов врховен водач на исламска република, објавија иранските државни медиуми. Трамп изрази загриженост доколку се случи ваков избор. Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и од САД. Одекнуваат експлозии.

Иран го избра Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот ајатолах, за нов врховен водач, додека американско-израелските операции во земјата ескалираат. Тел Авив со закана-ќе биде недвосмислена цел за елиминација.
„Секој лидер назначен од иранскиот терористички режим да продолжи да го води планот за уништување на Израел, да ги загрозува САД и слободниот свет и земјите од регионот, и да го угнетува иранскиот народ, ќе биде недвосмислена цел за елиминација“, напиша израелскиот министер Кац.
Трамп претходно предупреди дека новото раководство би можело да биде исто толку проблематично за Вашингтон како и претходниот режим.
„Мислам дека најлошото сценарио би било, ние го правиме ова, а потоа некој презема кој е исто толку лош како претходниот, нели? Тоа може да се случи. Минувате низ ова, а потоа за пет години сфаќате дека сте поставиле некого кој не е ништо подобар“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Во истовреме, Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и САД. Експлозии одекнаа во близина до американскиот конзулат во Дубаи, погодена американска база во Катар, нападната дипломатска станица на САД во Ирак додека британски авиони пресретнуваат ирански дронови над Заливските земји. Вашингтон тврди – Иран е речиси уништен, нема да му дозволат да има нуклеарно оружје.
„Ќе почнете да гледате промена во обемот и интензитетот на нападите. Двете најмоќни сили во светот го демонтираат терористичкиот режим, го уништуваат и лишуваат од можноста да се заканува или крие зад зона на имунитет што им овозможува да ги развијат своите нуклеарни амбиции“, изјави Марко Рубио -државен секретар на САД.
„Бахреин, Оман. Најмалку десетина земји-членки на ОН беа цел на напади, вклучувајќи го и Кипар. Тоа не е стратегија туку очај. Режим кој напаѓа како бесно животно. Замислете тој режим да има намонтирани нуклеарни боеви глави на тие балистички ракети“, изјави Дени Данон – постојан претставник на Израел во Обединетите нации.
Шефот на МААЕ, Гроси вели дека нема докази дека Иран гради нуклеарна бомба, но има причина за загриженост. Катар предупреди дека по иранските напади врз неговата територија „сите црвени линии се преминати“ и нема да остане без одговор.
„Нападите се постојани. Врз инфраструктурата, врз нашите станбени области. Затоа, не претпоставувам дека има повеќе црвени линии што треба да се преминат кога нашиот суверенитет е цел на овој начин“, изјави Мајед Ал-Ансари – портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.
Истовремено, продолжуваат воздушните пресметки меѓу Израел и Хезболах во Либан. ОН загрижени поради ширењето на огнот во регионот.
„Решението за она што се случува не се повеќе војници или оружје, туку запирање и враќање на преговарачката маса“, изјави Стефан Дужарик -портпарол на генералниот секретар на ОН.
САД ги прекинаа сите дипломатски врски со Шпанија поради ставовите за иранските операции, додека Германија ја истакна поддршката кон заедничката позиција за Иран. Франција премести нуклеарен носач од Балтикот во Медитеранот по нападите во Кипар, додека Европа и САД продолжуваат со евакуација на граѓани од погодените подрачја.
Бојана Крстевски
