ООН загрижени поради ширењето на огнот во регионот на Блискиот Исток
Во ек на жестоки американско-израелски напади, Иран доби нов врховен водач – синот на Хамнеи, Моџтаба е новиот ајатолах. Тел Авив се закани дека ќе го ликвидира. Техеран возвраќа со напади врз американски цели во регионот, Катар го предупредува-„црвените линии“ се преминати. Обединетите нации алармираат. САД тврдат – Иран е пред колапс. Дел од европските земји ги преместуваат воените сили, Шпанија ги повика САД да не играат руски рулет. Евакуацијата на граѓани од погодените подрачја продолжува …

Иран го избра Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот Ајатолах, за нов врховен водач, додека американско-израелските операции во земјата ескалираат. Тел Авив со закана – и него ќе го ликвидираме.
„Секој лидер назначен од иранскиот терористички режим да продолжи да го води планот за уништување на Израел, да ги загрозува САД и слободниот свет и земјите од регионот, и да го угнетува иранскиот народ, ќе биде недвосмислена цел за елиминација“, објави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
Трамп претходно предупреди дека новото раководство би можело да биде исто толку проблематично за Вашингтон како и претходниот режим.
„Мислам дека најлошото сценарио би било, ние го правиме ова, а потоа некој презема кој е исто толку лош како претходниот, нели? Тоа може да се случи. Минувате низ ова, а потоа за пет години сфаќате дека сте поставиле некого кој не е ништо подобар“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Техеран жестоко одговара на продолжениот бран напади од Израел и САД. Експлозии во близина до американскиот конзулат во Дубаи, погодена американска база во Катар, нападната дипломатска станица на САД во Ирак додека британски авиони пресретнуваат ирански дронови над Заливските земји. Иран вели дека е подготвен на долготраен конфликт, дека немаат намера да преговараат со САД и дека сè уште не го употребиле најсовременото оружје. Вашингтон тврди – Иран е речиси уништен, најлошото допрвин доаѓа.
„Двете најмоќни сили во светот го демонтираат терористичкиот режим, го уништуваат и лишуваат од можноста да се заканува или крие зад зона на имунитет што им овозможува да ги развијат своите нуклеарни амбиции“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.
„Тие напаѓаат врз Ријад, Абу Даби, Бахреин, Катар, врз цивили, граѓани на арапските земји. Ова покажува дека Иран е режим на терор. Не сме изненадени од никакво ново оружје во нивните раце и ќе продолжиме да дејствуваме и одбранбено и офанзивно“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
Шефот на МААЕ, Гроси вели – нема докази дека Иран гради нуклеарна бомба, но има причина за загриженост. Катар предупреди дека по иранските напади врз неговата територија „сите црвени линии се преминати“.
„Нападите се постојани. Врз инфраструктурата, врз нашите станбени области. Затоа, не претпоставувам дека има повеќе црвени линии што треба да се преминат кога нашиот суверенитет е цел на овој начин“, изјави Мајед Ал-Ансари, портпарол на Министерство за надворешни работи на Катар.
Истовремено, продолжуваат воздушните пресметки меѓу Израел и Хезболах во Либан. ОН загрижени поради ширењето на огнот во регионот.
„Решението за она што се случува не се повеќе војници или оружје, туку запирање и враќање на преговарачката маса“, изјави Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН.
САД ги прекинаа сите дипломатски врски со Шпанија поради ставовите за иранските операции, а премиерот Санчез го повика Трамп да не игра руски рулет. Франција премести нуклеарен носач од Балтикот во Медитеранот по нападите во Кипар, додека Европа и САД продолжуваат со евакуација на граѓани од погодените подрачја.
Бојана Крстевски
