Последици од кризата на Блискиот Исток

Нè чека нова криза, ако конфликтот не заврши брзо-предупредуваат експертите

04.03.2026 18:15

Доколку кризата на Блискиот Исток потрае, можна е нова економска нестабилност и раст на цените. Професорот Борче Треновски вели дека домашната економија сè уште закрепнува од претходните шокови, додека од Владата уверуваат дека ситуацијата се следи и дека има законски можности за интервенција.

Ако конфликтот на Блискиот исток не заврши брзо, не чека нова криза и подгревање на инфлацијата. Економските експерти се надеваат на најдоброто, но предупредуваат дека треба да се подготвуваме како за најлошото сценарио. Универзитетскиот професор Борче Треновски за МТВ рече дека македонската економија уште закрепнува од претходните кризи и треба време, како што вели, да застанеме на „здрави нозе“.

Од Владата велат дека ситуацијата будно се следи и ако има потреба ќе се влечат потези.

Ако кризата потрае ќе се носат мерки, законот во кризна состојба дозволува намалување на ДДВ-то за нафтени деривати и намалување на акцизата.

За сега нема одлука за прогласување на кризна состојба. Министерката за финансии, рече ситуацијата се следи и ако државата побара прогласување кризна состојба, ќе се разгледува на Влада.

Борис Грујоски