Попречување на професионален напредок или спорна стипендија?
Охридската и пошироката јавност деновиве се разбранува по соопштението на доктор Виолета Мојсовска Наумовска-специјалист кардиолог, дека нејзината матична куќа врши опструкција на нејзиниот професионален развој, спречувајќи да ја искористи стипендијата за усовршување во Италија, која и ја додели европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции. На денешната прес-конференција во специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ раководството на установата ги отфрли сите нејзини обвинувања.

Неколку дена откако соопшти во јавноста дека ја добила престижната стипендија од Европската асоцијација за перкутани кардиоваскуларни интервенции, доктор Виолета Мојсовска Наумоска ја обвини нејзината матична здравствена установа дека го попречува нејзиниот професионален напредок. На денешната прес-конференција раководството на специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања ги отфрли таквите обвинувања, посочувајќи дека за стипендијата дознале од медиумите, иако согласно правилникот на давателот на грантот во прилог на апликацијата задолжително требало да се достави препорака од актуелниот ментор или раководител на одделот.
„Според нашите сознанија д-р Мојсовска Наумоска ниту ги има побарано, ниту ги има добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација. Заради целосно разјаснување на оваа состојба од страна на болницата беше побарано дообјаснување од давателот на грантот, а во ниеден момент не беше побарано повлекување или откажување на грантот“, изјави Билјана Теговска-директор на специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања.
На прес конференцијата беше речено дека претходно за трудот презентиран од Мојсовска Наумоска на конгрес во Дубаи има преставка до надлежните органи од интервентниот кардиолог Дејан Манчески, поради присвојување на интелектуална сопственост.
„Во 2019-тата имавме еден интересен случај со пациентка со гангрена, д-р Мојсовска како помлад доктор на специјализација тогаш беше присутна во салата, кога јас ја правев интервенцијата. Интервенцијата заврши успешно и случајот беше пријавен на Европскиот конгрес во Париз во 2020-тата година. Истиот случај сега во декември беше презентиран од страна на докторката во Дубаи, при што јас како главен оператор бев изоставен“, изјави д-р Дејан Манчески – интервентен кардиолог.
Инаку против Мојсовска Наумоска досега никогаш не е изречена ниту усна опомена, поради што од болницата очекуваат да прекинат осудите и омаловажувањата кон оваа реномирана здравствената институција.
Сашо Нелкоски
