Ревизија

Во Министерството за заедниците не се знаело „кој пие, а кој плаќа“

04.03.2026 17:56

Скандалозни пропусти во Министерството за односи меѓу заедниците утврди Заводот за ревизија, во време кога прв човек на ресорот бил Артан Груби. Недостасувале 30 лаптопи, се делеле плати без да се оди на работа, се точело гориво во автомобили што не се службени...

„Исчезнат“ инвентар, исплата на плати на вработени кои не се појавувале на работа, точење гориво во приватни возила на државен трошок, се дел од наодите што ги утврдиле ревизорите во Министерството за односи меѓу заедниците.

Во период кога со ова министерство раководел поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, 150 вработени земале плата а не биле евидентирани ниту еднаш во електронска евиденција за работно време.

При годишниот попис, ревизорите утврдиле дека дури 28 проценти од вкупните основни средства на Министерството, во вредност од околу 25.000 евра, не се пронајдени. Меѓу „исчезнатите“ предмети се и 30 лаптопи, за кои немало евиденција кому му се доделени на користење. Исто така, седум моторни возила воопшто не биле заведени во сметководствената евиденција.

Ревизорите утврдиле слабости и во делот на јавните набавки.

„На име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво поради што овозможено е моторни возила кои не се во сопственост на Министерството да полнат гориво“, стои во извештајот на ДЗР.

Недоследности и во документацијата за финансирање на здруженија и фондации. Се делеле државни пари без потврда за нивната намена.

„Од вкупно 33 здруженија и фондации, 17 односно 51 процент од нив треба да извршат поврат на средствата во Буџетот на државата во износ од 1.225 илјади денари, односно 19.850 евра, од причина што не доставиле докази за трошење на средствата“, стои во извештајот на ДЗР.

За надминување на утврдените состојби, ДЗР дал препораки за преземање мерки од надлежните институции, со цел обезбедување транспарентно и соодветно користење на јавните средства.

 

Марина Стојанова -Тонева