Јовановски во притвор, се обезбедуваат докази
Тече притворот за сопругот и татко на жртвите во скопски Карпош, Стојанче Јовановски. Се собираат докази дали има основа да се гони за кривичните дела – нанесување телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство. Пред судот се воделе три бракоразводни постапки. Опозицијата бара оставка од Тошковски, власта апелира, трагедијата да не се злоупотребува за политички поени.

Додека Стојанче Јовановски, сопруг на Ивана и татко на Катја, кои трагично го загубија животот по пад од зграда во скопско Тафталиџе е во притвор, надлежните собираат докази за кривичните дела што му се ставаат на товар. Се вештачат камери и мобилни телефони. Тој е осомничен е за три кривични дела – нанесување телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.
Во целата постапка важен ќе биде и обдукцискиот наод – од Судска медицина не откриваат дали извештајот е готов и што е нотирано во него, иако, обдукцијата е завршена.
Молк и од Министерството за социјална политика за исходот од извршениот вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи, каде се воделе постапки.
Јовановски имал повеќе пријави за семејно насилство, но сопругата секогаш се повлекувала од постапката, така било и кобниот ден. И бил познат на полицијата, поднесени му биле 10 кривични пријави – меѓу нив за кражби и дрога.
ТРИ БРАКОРАЗВОДНИ ПОСТАПКИ, ДВЕ ПРЕСУДИ ЗА НАСИЛСТВО
Сопружниците воделе три бракоразводни постапки, а против Јовановски, освен 10-те кривични пријави, имало и две правосилни пресуди за насилство. Додека надлежните истражуваат, СДСМ бара одговорност и оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски поради институционалните пропусти за заштита од семејно насилство.
„Одговорност мора да има. СДСМ бара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица во министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа и од сите институции кои потфрлиле“, изјави Јованка Тренчевска – СДСМ.
Опозицијата да не ги користи трагедиите за политички поени – велат од ВМРО – ДПМНЕ. За разлика од порано, велат, сега работите се кажуваат транспарентно, а виновниците имаат име и презиме.
Андријана Ѓурческа
