Семејно насилство

Каде потфрла превенцијата?

04.03.2026 17:48

Семејното насилство често останува скриено зад затворена врата. Но кога жртвите ќе решат да побараат помош, започнува друга борба – со процедурите и институциите. Зошто заштитата често доаѓа предоцна и каде системот не функционира?

Борбена, очајна, тажна … Болката од малтретирање и вознемирување може да се крие во кој било чифт чевли. Жртвата на семејно насилство нема препознатлив профил, велат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување „Хера“.

Психологот Весна Матевска посочува – кога една жена ќе се охрабри да побара помош, системот мора да реагира без предрасуди.

„Она коешто е всушност голем предизвик, кога жртва ќе дојде да побара помош и поддршка, без разлика на профилирањето коешто лицето кое прима го има во главата – мора да постапи! Нема типична жртва на прв поглед кога ќе дојде да пријави“, вели Весна Матевска-психолог во „Хера“.

Од „Хера“ велат дека обемот на работа им е значително зголемен, што според нив укажува дека во земјава сè почесто се бара помош поради семејно насилство.

Во државата постојат шелтер-центри за згрижување, но тоа не е секогаш идеалното решение. Со жртвата, велат од организацијата, мора да се изработи безбедносен план и да се активираат сите ресурси кои и се потребни.

Од здружението за млади правници, пак, нудат бесплатна правна помош за жртви на семејно насилство. Оттаму посочуваат дека законската рамка постои, но дека клучниот проблем е во практичната примена и координацијата меѓу институциите.

„Во пракса процедурите ни се многу долги, многу бирократски и покрај сите обиди тоа да се олесни и да се скрати и да биде многу поедноставно за жртвата. Имаме доста ситуации во кои мора да се оди на неколку врати, да се појде на неколку места, да се донесе вистинскиот документ од вистинската институција … нешто што е навистина премногу, навистина обесхрабрувачки, Навистина ја отежнува позицијата на жртвата да ги обезбеди доказите за да може да ја добие конкретната заштита“, изјави Маја Атанасова – Здружение на млади правници.

Во меѓувреме, бројките се алармантни. Според последниот извештај на Еуростат, Македонија е трета во Европа по бројот на убиства на жени од нивните партнери.

Секој случај на семејно насилство е лична трагедија. Но, истовремено е и предупредување за општеството – да ги препознае дупките во системот и недоследностите во заштитата, за следната жртва да не остане сама.

Катерина Топалова