Хегсет: Иран е готов, САД победува во војната
САД најави засилување на војната со Иран. Нови сили пристигнуваат во регионот. Пентагон потврди дека американската подморница потопила ирански воен брод со торпедо во меѓународните води. Техеран продолжува да се одмаздува, нови напади врз Израел и земјите од заливот. Иран го назначи синот на Хамнеи за нов врховен водач.

САД победуваат во војната, следуваат напади подлабоко на иранска територија. Повеќе сили наскоро ќе пристигнат во регионот, објави министерот за војна. Хегсет рече дека американските сили го лоцирале и убиле водачот на единицата што се обидела да го убие Трамп. Пентагон потврди дека американската подморница потопила ирански воен брод со торпедо во меѓународни води. Над сто лица се водат како исчезнати покрај брегот на Шри Ланка.
„Ние само што почнавме. Забрзуваме, а не забавуваме. Капацитетите на Иран се намалуваат од час на час, додека американската сила станува се, попаметна и апсолутно доминантна. Уште бомбардери и уште ловци пристигнуваат денеска“, изјави Пит Хегсет, министер за војна на САД.
Исламската република уверува дека е подготвена на долготраен конфликт, немаат намера да преговараат со САД оти сè уште не го употребиле најсовременото оружје. Покрај Дубаи, Катар и Ирак, нови експлозии и во Саудиска Арабија и Кувајт, додека Турција вели дека одбраната на НАТО соборила иранска ракета. Британски авиони пресретнуваат ирански дронови над Заливските земји.
„Мора да дејствуваме јасно, со цел и со ладна глава. Заштитата на британските државјани е наш приоритет број еден. Преземаме мерки за намалување на заканата на небото во регионот“, рече Кир Стармер, премиер на Велика Британија.
Моџтаба Хамнеи, синот на убиениот Ајатолах е избран за нов врховен водач. Израел се закани дека и него ќе го ликвидира додека ги продолжува нападите во Иран и Либан.
„Тие напаѓаат врз Ријад, Абу Даби, Бахреин, Катар, врз цивили, граѓани на арапските земји. Ова покажува дека Иран е режим на терор. Ќе продолжиме да дејствуваме и одбранбено и офанзивно“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
САД ги прекинаа сите дипломатски врски со Шпанија поради ставовите за иранските операции, а премиерот Санчез го повика Трамп да не игра руски рулет.
„Големи војни избувнуваат поради низа одговори што излегуваат од контрола поради погрешни пресметки, технички грешки и непредвидени настани. Затоа, мора да учиме од историјата и не можеме да играме руски рулет со судбината на милиони луѓе“, нагласи Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Франција премести нуклеарен носач од Балтикот во Медитеранот по нападите во Кипар, додека Европа и САД продолжуваат со евакуација на граѓани од погодените подрачја.
Маријана Димовска
