Иран

САД и Израел ги засилуваат нападите, Иран враќа

05.03.2026 08:57

Војната на Блискиот Исток се разгорува. Американскиот сенат не успеа да ги ограничи воените овластувања на претседателот Трамп за поширока интервенција во Иран. Техеран продолжува со масовни гранатирања кон Израел, експлозии се слушаат и во Ерусалим. Тел Авив напаѓа во Иран и во Либан.

Американскиот сенат ги поддржа овластувањата на Трамп за нови воени подлабоки операции во Иран. Испраќањето трупи на терен засега не е дел од планот, иако опцијата останува на маса-потврдија од Белата куќа. Вашингтон тврди дека е постигнат огромен напредок на фронтот за помалку од една недела.

„Се справуваме многу добро на воениот фронт, ако некој ме праша на скала до 10, би оценил со 15. И ќе продолжиме да се справуваме. Имаме убедливо најголема војска во светот. Тие беа огромна закана за нас, 47 години убиваат луѓе од целиот свет. Имаме голема поддршка и ако тоа не го сторевме ние први, тие ќе го стореа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

„Испраќањето трупи не е дел од сегашниот план, но нема да отфрлам опција за претседателот што е на маса“, изјави Каролни Ливит -портпаролка на Белата куќа.

Нови експлозии го тресат Техеран додека САД и Израел ги интензивираат нападите. Напоредно Тел Авив продолжи со гранатирања врз цели на Хезболах во Либан. Групата го возвраќа ударот.

„Уништивме приближно 300 ирански одбранбени системи и балистички ракети. Таргетиравме локации на иранската нуклеарна инфраструктура, терористичка мрежа за производство на стратешко оружје, како и воен комплекс од кој оперативците на режимот ја водеа кампањата против Израел и промовираа терористичка агенда низ целиот свет“, изјави Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска.

„Ќе продолжиме да ги соборуваме целите на израелско-американскиот непријател, и да останеме непоколебливи во нашата позиција отфрлајќи ги проектите на непријателот“, изјави Наим Касем – генерален секретар на Хезболах.

Иран се закани со напад на нуклеарниот комплекс во Димона доколку Израел и САД се обидат да го сменат режимот. Покренаа одмаздничка офанзива врз Израел. Напаѓаат американски цели во регионот. Соборени ирански бомбардери пред удар врз американската база во Катар. Пресретнати дронови во Саудиска Арабија. Ирак потона во целосен мрак, а цивилите во Ирбил се најдоа во вкрстен оган. Оштетени се станбени згради.

„Добивме телефонски повик да не прашаат каде сме откако дознале дека нашата зграда е погодена. Среќа што бевме излезени“, изјави Рагхад Хикмат – жител на Ирбил.

Турција испрати предупредување до Техеран за да спречи ракетни закани откако беше пресретната иранска балистичка ракета, чија можна цел била Кипар.

„Во тесни консултации сме со нашите сојузници од НАТО, преземаме секакви мерки на претпазливост и спроведуваме потребни интервенции. Ги издаваме нашите предупредувања на најјасен начин за да спречиме слични инциденти да се повторат“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.

ОН се надеваат на брз крај на конфликтот, додека државите продолжуваат со евакуација на заглавените граѓани од погодените подрачја. Во меѓувреме растат тензии меѓу Европа и САД по заканата на Трамп за прекин на трговијата со Шпанија, откако Мадрид одби воена соработка во услови на ескалација со Иран. ЕУ оцени дека таквата одлука е закана за цела Европа.

 

Бојана Крстевски