Асфалтирани сите улици во Македонски Брод
Во Македонски Брод се случува вистинска инфаструктурна офанзива. Општината ги асфалтираше буквално сите улици во градот, а сега ќе започне и со асфалтирање на улиците и по руралните места. Се градат и локални патишта, што пак придонесува за привлекување на нови инвестиции особено во туризмот.

Македонски Брод стана еден од ретките градови во државава кој буквално 100% ги асфалтираше сите улици. Нема повеќе ниту едно уличе или сокаче кое не е постелено со асфалт.
Ова се последните метри на асфалт кои се поставуваат во Брод, со тоа градот буквално нема повеќе улици за асфалтирање.
Бидејќи нема што повеќе да се асфалтира во градот, сега ќе се асфалтирале и улиците во селата, а ќе се граделе и повеќе локални патни правци. Со подобрената инфраструктура се очекуваат и нови инвестиции, особено во руралниот туризмот кој полека станува примарна гранка во Поречието, каде веќе наголемо се градат угостителските објекти и хотели.
„Со ова најголем благодет ќе имаат бизнисмените кои се занимаваат посебно со туризмот бидејќи сега гостите многу полесно ќе стигнуваат до нивните објекти“, истакна Милосим Војнески, градоначалник на Македонски Брод.
И бузнисмените но и граѓаните со урбанизацијата очекуваат поголем профит и стопирање на миграцијата..
„Сега со асфалтот добиваме повеќе муштерии, бидејќи тука целото подрачје беше со кал и вода“, рече Синиша Смилески, угостител.
„Имаме повеќе најави за инвестиции набрзо ќе никнат нови фабрики, се со цел луѓето да останат тука“, вели Борис Милески, советник во Општина Македонски Брод.
„Се надевам дека асфалтирањето на улиците ќе придонесе за зголемување на профитот лично мој, бидејќи јас инвестирам тука не само да ги привлечам гостите од Брод туку и од околните градови, Кичево, но и Скопје кои доаѓаат тука особено во лето затоа што природата тука е прекрасна“, рече Љупчо Јаковлески, угостител.
Во наредниот период останува уште изградбата на патот Брод – Скопје, што пак ќе биде клучниот фактор за економски и туристички развој на Поречието.
Дарко Штаргоски
