Блиски Исток

Сенатот на САД ги поддржа воените овластувања на Трамп против Иран

05.03.2026 15:13

Трамп доби зелено светло од американскиот Сенат за воените овластувања во Иран. На Блискиот Исток гори. Експлозии одекнуваат низ Техеран. САД и Израел ги интензивираат нападите. Иран возвраќа со удари во заливските земји, ранети цивили во Азербејџан. Баку се закани со одмазда. Протестна нота и од Турција. Техеран не попушта. Европски земји подготвуваат испраќање воздушна одбрана во земјите од Заливот.

САД и Израел ги засилуваат нападите врз Иран. Експлозии одекнаа низ Техеран, додека Вашингтон најави подлабоки воени операции – Сенатот на САД даде зелено светло за воените овластувања на Трамп. Испраќање американски трупи засега не е планирано, но опцијата останува на маса.

„Се справуваме многу добро на воениот фронт, ако некој ме праша на скала до 10, би оценил со 15. И ќе продолжиме. Имаме убедливо најголема војска во светот“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Според проценките на САД досега низ Иран се уништени над 2.000 цели, повеќето воени инсталации. Израел продолжи со нападите врз Хезболах во Либан.

„Со секој изминат ден, иранскиот терористички режим слабее и ја губи својата контрола. Продолжуваме да го напаѓаме Хезболах и да ги ловиме терористите на организацијата низ целата земја“, рече Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

„Ќе продолжиме да ги соборуваме целите на израелско-американскиот непријател и да останеме непоколебливи во нашата позиција, отфрлајќи ги проектите на непријателот“, изјави Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.

Иран возвраќа со напади врз Израел и американски цели во земјите од Заливот. Две лица се повредени во Азербејџан кога ирански дронови паднале крај училиште и аеродром во Нахчиван, по што Баку најави одмазда. Во Катар соборени ирански бомбардери, Ирак потона во целосен мрак додека цивилите во Ирбил се најдоа во вкрстен оган.

„Добивме телефонски повик да не прашаат каде сме откако дознале дека нашата зграда е погодена. Среќа што бевме излезни“, изјави Рагхад Хикмат, жител на Ирбил.

Техеран се закани со одмазда за нивниот потонат брод крај брегот на Шри Ланка од САД.

„САД извршија злосторство на море, 2.000 милји оддалечено од бреговите на Иран. Фрегатата Дена, гостин на индиската морнарица со речиси 130 морнари, беше погодена во меѓународни води без предупредување. Запомнете ги моите зборови: САД ќе зажалат за преседанот што го поставија“, објави на Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Турција пак, со протестна нота до Техеран откако иранска балистичка ракета беше пресретната на нејзина територија.

„Ги издаваме нашите предупредувања на најјасен начин за да спречиме слични инциденти да се случат по вторпат“, истакна турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Тензиите меѓу Европа и САД растат по заканата на Трамп за прекин на трговијата со Шпанија, откако Мадрид одби воена соработка во ескалацијата со Иран. ЕУ го оцени потегот како закана за Европа, додека Италија, како и Обединетото Кралство, Франција и Германија, планира да испрати воздушна одбрана во земјите од Заливот.

Бојана Крстевски