Економија

Мицкоски: Македонската економија расте, има механизми за справување со евентуалните предизвици

05.03.2026 18:03

Македонската економија бележи раст и покрај глобалната криза, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Според него, зголемувањето на БДП од 3,8% во последниот квартал од 2025 година се должи на инвестициите во инфраструктурата, додека институциите уверуваат дека има механизми за справување со евентуални економски предизвици и инфлаторни притисоци.

И во услови на светска криза македонската економија расте, вели премиерот Христијан Мицкоски. Причина за зголемувањето на БДП од 3,8% во последниот квартал од 2025, е изградбата на автопатиштата, железницата, како и голем број комунални проекти.

Вкупниот раст за целата година е 3,5%, рече Мицкоски. Ја оцени безбедносната состојба во Македонија како стабилна, но кажа дека може да има предизвици на економски план, во однос на цената на нафтата.

Место за паника нема, додава премиерот. Ако кризата продолжи, вели, можно е да има благ раст на цените на енергенсите.

Од Народна банка велат дека се подготвени за евентуално негативно сценарио поврзано со инфлацијата и растот. Има механизми за стабилизација на цените ако за тоа има потреба.

Македонската економија лани се позиционираше на 4-то место во Европа според висината на економскиот раст, веднаш зад Кипар, Малта и Полска.

Борис Грујоски