Во Собранието седница посветена на правата и можностите на жените
Во Собранието седница во пресрет на Денот на жената, 8 Март. Расправа за правата и можностите на жените, достигнувања и перспективи...

Брза и ефикасна реакција на надлежните институции, полицијата, социјалните служби, судовите, предлози за построги казни за насилниците во новиот Кривичен законик, едукација на жртвите од семејно насилство, но и на насилниците-дел од пораките во Собранието.
Денот на жената 8 Март, наместо со говори за еднаквост, одбележан во знакот на трагичната смрт на Ивана и Катја. Пораз на институционалната превенција – рече шефицата на државата. Како е можно институциите да бидат имуни на јасните сигнали, крајно време е да реагираме – порача Сиљановска Давкова. Бројките се немилосрдни. 4.475 пријави за семејно насилство и 4 убиства лани, годинава за два месеца 6 фемициди.
Овој ужас е последица на ненавремена реакција на институциите – став на Битиќи од СДСМ. Тој посочи на економската зависност на жената во нашето општество. Која е следната за институциите да сфатат дека молкот убива – праша Зајкова од ЛДП. Побара построги казни за насилните. Секое одлагање е нова бројка-порача таа.
„Нашата одговорност не завршува со носење на законите, туку со нивната примена. Институциите да реагираат веднаш без компромис“-побара Тоска од ДУИ.
Потребна ни е колективна одговорност и едукација. Државата да гарантира целосна заштита – вели претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши.
Најдоцна до јуни се очекува новиот Кривичен законик да влезе во собраниска процедура.
Марина Стојанова-Тонева
