Гори на Блискиот Исток

Експлозии низ Техеран, САД и Израел ги интензивираат нападите

05.03.2026 18:34

Трамп доби зелено светло од американскиот Сенат за воените овластувања во Иран. На Блискиот Исток гори. Експлозии одекнуваат низ Техеран. САД и Израел ги интензивираат нападите. Иран возвраќа со удари во заливските земји, ранети цивили во Азербејџан. Баку се закани со одмазда, Техеран негира дека станува збор за ирански дронови. Шест дена од почетокот на војната, сè повеќе земји од ЕУ ветуваат одбранбена помош за Кипар и сојузниците во заливот.

Американско – израелската офанзива се засилува. Експлозии одекнуваат низ Иран. Во момент кога САД најави подлабоки воени операции, Сенатот даде зелено светло за воените овластувања на Трамп. Испраќање американски трупи засега не е планирано, но опцијата останува на маса.

„Се справуваме многу добро на воениот фронт, ако некој ме праша на скала до 10, би оценил со 15. И ќе продолжиме. Имаме убедливо најголема војска во светот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Според проценките, во Иран се уништени над 2000 цели, повеќето воени инсталации. Израел продолжи со копнената акција и во Либан.

„Со секој изминат ден, иранскиот терористички режим слабее и ја губи својата контрола. Продолжуваме да го напаѓаме Хезболах и да ги ловиме терористите на организацијата низ целата земја“, рече Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Иран возвраќа со напади врз Израел и американски цели во земјите од Заливот. Две лица се повредени во Азербејџан, Баку најави одмазда, Техеран негира дека станува збор за ирански дронови. Во Катар соборени ирански бомбардери, Ирак потона во целосен мрак додека цивилите во Ирбил се најдоа во вкрстен оган. Техеран се закани со одмазда за потонатиот брод крај брегот на Шри Ланка.

„САД извршија злосторство на море, 2.000 милји оддалечено од бреговите на Иран. Фрегатата Дена, гостин на индиската морнарица со речиси 130 морнари, беше погодена во меѓународни води без предупредување. Запомнете ги моите зборови: САД ќе зажалат за преседанот што го поставија“, објави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Шест дена од почетокот на војната, се повеќе земји од ЕУ ветуваат одбранбена помош за Кипар и сојузниците во Заливот. Унијата е загрижена за безбедноста на пловидбата и бара Ормускиот теснец да остане отворен.

„Иран се обидува да ја прошири војната во што е можно повеќе земји за да посее хаос. Ние повикуваме на стабилност. Секако, наш прв приоритет е безбедноста на нашите граѓани кои моментално се во регионот. Го организираме одговорот и нашите луѓе надвор од регионот“, нагласи Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Тензиите меѓу Европа и САД растат по заканата на Трамп за прекин на трговијата со Шпанија, откако Мадрид одби воена соработка со Вашингтон во ескалацијата со Техеран. Брисел се надева оти САД ќе го почитува трговскиот договор постигнат минатата година, кој важи за сите членки на ЕУ.

Маријана Димовска