Македонија

По трагедијата во Тафталиџе, утврдени пропусти во постапувањето на институциите

05.03.2026 17:03

Вонредниот инспекциски надзор откри неправилности во постапувањето на Центарот за социјални работи во случајот со Ивана, која со малолетната ќерка загина во Тафталиџе. Средба била закажана, но не бил извршен увид во домот. Во меѓувреме, притворот на Стојанче Јовановски е продолжен за нови 48 часа.

Социјалните работници и Ивана, која со малолетната ќерка загинаа при пад од зграда во Тафталиџе, никогаш немале директен контакт. Службата не извршила увид во домот, а со Ивана контактирале телефонски и административно. Закажана била средба. Ова се пропустите утврдени при вонредниот инспекциски надзор во Центарот за социјални работи.

„Неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Инспекцискиот надзорот, наведуваат надлежните, ќе продолжи и за случајот на Клиниката за дигестивна хирургија. Додека Ивана била хоспитализирана, Јовановски ја турнал по скали пред детето. Интервенирала полицијата, дошле и службенички од Центарот за социјални работи, но ниту тогаш Јовановски не бил уапсен и заминал со детето.

Се најавуваат измени на законите, за поголема одговорност и поефикасно постапување во случаите за семејно насилство. Премиерот Мицкоски ги повикува жртвите да не се откажуваат од пријавите, за да можат институциите да постапуваат.

„Ако се повлече пријавата – институциитеЦентрите за социјална работа и МВР не можат ништо да направат. Затоа е многу важно секој оној којшто е жртва на семејно насилство тоа да го пријави и да остане на пријавата за да можат институциите да постапуваат“, нагласи премиерот Мицкоски.

За нови 48 часа е продолжен притворот на Стојанче Јовановски. Се вештачат три мобилни телефони, се обезбедуваат и анализираат видеоснимки и пријавите за семејно насилство. Осомничен е за три кривични дела – нанесување телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство.

Сопружниците воделе три бракоразводни постапки, а против Јовановски, освен десетте кривични пријави, имало и две правосилни пресуди за насилство.

Андријана Ѓурческа