Судот не го прифати предлогот за спојување на постапките за пожарот во „Пулс“
Со сослушување на сведоци на Обвинителството во судницата во Идризово продолжи судењето за случајот „Пулс“. Претходно одбраната побара спојување на постапките, на оваа што е во тек и на таа што треба да почне во скопскиот Кривичен суд против полицајци од Кочани.

Нема спојување на тековната и на постапката за 13 полициски службеници за случајот „Пулс“. Ваква одлука донесе Судечкиот совет со образложение дека процесот е во доказна постапка, а спојувањето на двата предмета во еден ќе резултира со одолговлекување и неекономичност на процесот.
На иста линија и Обвинителството – велат не се стручни да постапуваат во предмети со полицајците за кои надлежност има ОЈО ГОКК. Адвокатите, пак, кои го иницираа барањето сметаат дека спојувањето би придонело за полесно утврдување на тоа што се случило.
Засега нема одлука за преместување на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов кој бара притворот, наместо во Куманово да го издржува во Скопје. На минатото рочиште тврдеше дека затворската служба го понижувала.
Судијката, пак, прочита допис од кумановскиот затвор од каде пишуваат дека разговарале со Јованов, а тој имал забелешки единствено на честите претреси во ќелијата и барал да му се смени душекот на кој спие.
Рочиштето продолжи со распит на очевидци на пожарот.
Анита Димитријевска – Велковска
